Корона вирусот ќе ни го загрози датумот од ЕУ?


Корона вирусот почнува да ја парализира работата на Европскиот совет и, ако продолжи ширењето на епидемијата, може да ја загрози одлуката на ЕУ да започнат преговорите за членство со Македонија. Секретаријатот на Советот денес, во консултација со земјите членки, препорача  да се намали бројот на состаноци на разните подготвителни тела и работни групи во Советот, а одлуките кои состаноци ќе се одржат ќе ги носи претседателството на ЕУ. Исто така ќе се намали бројот на делегации кои ќе учествуваат на состаноците , а ќе се ограничат и локациите каде што можат да патуваат преставници на ова тело.

-Оваа промена кон поопшти мерки е резултат на тоа што  вирусот сега е присутен во значителна мерка во повеќето земји-членки, вклучително и Белгија, и овој развој  ќе продолжи. Генералниот секретаријат на Советот има воспоставени протоколи во случај да треба да се справи со какви било дополнителни потврдени случаи на КОВИД-19 меѓу вработените или во неговите згради. Внимателно ќе ја следиме ситуацијата и  подготвени сме да воведеме дополнителни мерки во зависност од развојот, стои во соопштението на Советот објавено денес.

Сите мерки почнуваат да важат  веднаш.