Корона вирусот го нападна и „ајфон“


Компанијата „Епл“ соопшти дека поради корона вирусот е погодено производството и продажбата на „ајфон“, како и дека привремено ќе ги ограничи испораките на мобилните телефони ширум светот.

„Епл“ е првата голема американска компанија која соопшти дека епидемијата предизвикана од опасниот вирус во Кина, ќе влијае негативно врз нејзините приходи, но не прецизира колку, пишуваат медиумите во светот.

„Не очекуваме дека ќе ги исполниме планираните приходи што ги проектиравме за март“, соопшти компанијата која во тековниот квартал оствари рекордни приходи од 67 милијарди долари. Од „Епл“ додаваат дека продажбата во Кина ќе биде помала од очекуваната како резултат на затворените продавници, пренесуваат агенциите.

„Затворени се сите наши продавници во Кина, како и продавниците на нашите партнери. Оние што работат со скратено работно време немаат голем промет“, соопшти компанијата додавајќи дека повторното отворање на продавниците оди постепено.

Аналитичарите проценуваат дека поради епидемијата со корона вирусот во Кина, побарувачката за мобилни телефони на овој пазар, инаку најголем во светот, може да биде помала.

Како резултат на ваквите информации, вчера акциите на „Епл“ на берзата во Њујорк во еден момент беа поевтини за 2,6 отсто, или пазарната вредност на компанијата се намалила за 34 милијарди долари, повлекувајќи ги берзанските индекси надолу. Подоцна дојде до закрепнување, па на затворањето на берзата нивната цена беше за 1,8 отсто пониска во однос на почетокот на тргувањето.

Последици од епидемијата предизвикана од корона вирусот чувствуваат и производителите на автомобили, бидејќи оваа индустрија има проблеми во синџирот на снабдување со делови неопходни за нивно производство.