Корона вирусот галопира во Кичево

Од 20 јули наваму во Кичево се евидентирани 76 заболени и има петмина починати од вирусот

Инфекцијата се шири во фабрика за автомобилски делови на странски инвеститор и во РЕК „Осломеј“. Заболените ги кријат контактите што ги имале

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Брзо и со драматични скокови од 13 па дури и до 15 заболени на ден се шири вирусот во Кичево. Заклучно со 3 август заболени се 175 кичевчани, од нив кај 108 позитивни болеста е  активна. Досега оздравеле 61 лице, а од почетокот на кризата починати се десет лица. Со овие бројки Кичево во последниот месец го надмина Ресен.

Кичевчани велат дека вирусот се шири најмногу меѓу колеги во работни организации, но според нашите соговорници нема затворени фабрики поради ширење на корона вирусот.

Според анализите од Министерството за здравство за Кичево се драматични последните две недели од 20 јули наваму, кога се евидентирани 76 заболени, и за само две недели 5 починати од вирусот.

Особено се критични последните пет дена, бидејќи бројката на заболени порасна за 56 пациенти. Дури три дена последната недела се дијагностицираат по двоцифрени бројки на заразени од вирусот, односно на 29 јули се потврдени 10 случаи во еден ден, на 31 јули дури 15 новозаболени и на 2 август 12 случаи.

Од Центарот за јавно здравје во Битола, под чија надлежност е Кичево, велат дека заболени има од сите возрасти, а добар дел од заболените не даваат податок за контакт со веќе позитивно регистрирано лице. Во податоците од 31 јули стои дека од 15 дневно регистрирани болни лица само четири дале податок за контакт со потврдено позитивно лице, а на 29 јули од 11 позитивни случаи ниту еден не дал податок за контакт со заболен пациент.

Во моментов во Битолската болница се хоспитализирани тројца пацинети од Кичево во средно тешка состојба, потврдува д-р Билјана Гагачовска директор на Клиничката болница во Битола.

Кичевчани со кои разговаравме велат дека вирусот во последните две недели најмногу се шири меѓу вработени во фабрика со странски инвеститори.

„Последните случаи на новозаболени се од фабриката за автомобилска индустрија, каде вирусот се шири меѓу колеги. Исто така има околу седум заболени лица и во РЕК ‘Осломеј’, има повеќе заболени во населбата Иванидо, како и во селото Вранештица. Имаме заболени и здравствени работници, меѓу кои и лекарка“, вели кичевчанец за „Независен“ кој сакаше да остане анонимен.

Жители на Кичево велат дека здравствените власти треба да поведат повеќе сметка за потесните семејства на позитивните лица, бидејќи сѐ почести се случаите ако еден од сопружниците е позитивен, другиот да не е со решение за изолација, туку слободно се шета низ градот.

„Во семејства каде има позитивен дијагностициран случај останатите членови не се во изолација или самоизолација, зошто болниот не ги навел во анкетниот лист. Невозможно е да немале контакти во една куќа, иако болниот се изолирал во посебен дел од куќата. Ако здравствените власти тоа успеат да го исконтролираат болеста ќе нема ваков галопирачки замав“, реагира жител на Кичево.

Инаку според нашите соговорници, граѓаните во најголем дел се дисциплинирани, носат маски, одржуваат физичка дистанца и не одат по гости или слави подучени од на што им се случи на ресенчани.

За состојбата со корона вирусот се обидовме да контактираме и со градоначалникот Фатмир Дехари, но не одговори ниту на повиците ниту на нашите пораки.

На веб страната на Општина Кичево последната информација поврзана со корона вирусот е од 9 април годинава.