Корона поздрав во Скопје: Димитров и Жбогар се потчукнаа со лактите


Од древното, индиско спојување на дланките „намасте“, до сосема новото судирање со лакт, начинот на кој луѓето ги менуваат поздравите поради коронавирусот исто така, откриваат увид во нивните соодветни култури

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар се поздравија со потчукнување на лактите, промовирајќи го новиот корона поздрав денес на панелот: Владеење на правото, миграции, безбедност/хибридни закани, што се одржа во рамки министерскиот состанок на Берлинскиот процес во Скопје.

Во време која коронавирусот зема силен замав, здравствените власти, но и лидерите и државниците постојано повикуваат луѓето да избегнуваат ракувања, пријателски бакнежи, прегрнувања и слични секојдневни начини на општење. Се чини, најсоодветна замена за тоа е поздравот со лактите.

За разлика од нив, министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ ја игнорираше оваа препорака и на панелот, на пријателски начин разговараше со шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева.

Македонија и Бугарија беа домаќини на состанокот, но дел од гостите откажаа присуство заради заразната болест. Шефовите на дипломатиите на Германија и Италија, Хајко Мас и Луиџи ди Мајо утрово го откажаа летот кон Скопје, на состанокот на министрите за надворешни работи не дојде и францускиот претставник- заменик генерален секретар во министерството за надворешни работи Андре Паран.

Фото: Борис Грданоски