„Корона“ одбра лоша недела да промовира ново пиво


Рекламен твит за пиво од брендот „Корона“ наиде на негативни реакции

 

Ширењето на корона вирусот не можеше да дојде во полошо време за „Констелејшн брендс“ кое потроши 40 милиони американски долари за лансирање на нов производ со брендот „Корона“ – Corona Hard Seltzer.  Дел од промоцијата вклучува спонзориран твит, кој предизвика критики заради употребата на фразата „наскоро пристигнува на брегот“.

Како што објави „Си-Ен-Ен Бизнис“ во реакциите на твитот се вели дека рекламата има „лош вкус“ и дека брендот треба да „одлежи неколку недели“. Две анкети покажале дека ефектите од кампањата се негативни. Во едната од нив се вели дека 38 отсто од Американците се изјасниле дека поради ваквите најави нема да купат Корона „под никакви околности“, а други 14 отсто дека јавно нема да порачуваат корона.  Другата анкета покажала дека намерата на потрошувачите да купат корона паднала на најниско ниво во изминатите две години.

„Констелејшн брендс“, производителот на неколку видови „Корона“ пиво, соопшти дека нејзините клиенти разбираат дека нема врска меѓу вирусот и нивната деловна активност.

Од таму додаваат дека ваквите извештаи не влијаат врз нивните деловни резултати, а „дезинформациите“ за влијанието на вирусот врз деловноста на Корона ги нарекоа „крајно жални“.

„Продажбата на Корона останува многу силна и ние ја цениме континуираната поддршка од нашите обожаватели“, изјави портпаролот на „Констелејшн брендс“, Стефани МекГуан за „Си-Ен-Ен Бизнис“. „Нашето рекламирање со Корона е во согласност со кампањата што ја спроведуваме во последните 30 години и се темели на силен сентимент на потрошувачите“.

Компанијата соопшти дека продажбата на „Корона Екстра“ се зголемила за 5 отсто во САД од средината на јануари до 16 февруари, што е речиси двојно повеќе од трендот во претходните 52 недели. Продажбата на Корона е многу зависна од американскиот пазар, за разлика од некои нејзини меѓународни ривали.

„Нашите мисли и молитви се со оние кои се погодени од ужасниот вирус и се надеваме дека тој наскоро целосно ќе биде искоренет“, соопшти компанијата.

„Си-Ен-Ен Бизнис“ пишува дека вредноста на акциите на „Констелејшн брендс“ во петокот паднала за 4 отсто, а во четвртокот за 8 отсто, но треба да се има во предвид дека падот се почувствува на целата берза поради стравот од ширење на корона вирусот.