Корона, некорона – скопјани излегоа да го прослават пласманот на Македонија

Фото: Б. Грданоски

Центарот на Скопје вечерва се исполни од раздрагани и еуфорични граѓани кои излегоа да го прослават невидениот успех на македонскиот фудбал – пласман на едно Европско првенство. Благодарение на системот на УЕФА, Македонија доби шанса да се бори за место на првенството идната година и преку системот на квалификации во Лигата на нации успеа да стигне до она што досега во овие 30 години независност изгледаше целосно недостижно.

Во времето на страв и голем број на заразени и починати ова славје е еден од ретките моменти за радување во мрачното здравствено секојдневие. Повеќето од навивачите имаа маски, но некои и не, така што прашање е дали овој еуфоричен собир може да предизвика и некои нови кластери. Но за сите луѓе што излегоа на улиците радоста го победи стравот, а тие заборавија на препораките.

Фото: Б. Грданоски

Веднаш по завршувањето на мечот Владата почна нова онлајн седница за која не знаеме што е на дневен ред, но премиерот Зоран Заев ја води облечен во дрес на фудбалската репрезентација.

Честитки до огромниот успех на репрезентацијата упатија и речиси сите државни функционери, од претседателот Стево Пендаровски преку премиерот Заев и редица министри, како и шефот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски.