Корона кластер од заболени наставници во ОУ „Коле Канински“ во Битола
БИТОЛА – Тринаесет вработени од ОУ „Коле Канински“ Битола се позитивни на Ковид-19. Дали и колку од учениците се разболеле од своите наставници засега е рано да се каже, но во моментов ова е еден од најголемите кластери во битолските училишта.
Директорот на училиштето, Зоран Мирчевски, во телефонски разговор за „Независен“ ги обвини новинарите дека му го „кревале притисокот две недели“. Тој, сепак, и покрај обвинувањата потврди дека има заболени, дека ги известил надлежните за кластерот, како и тоа дека наставниците ги пратил од дома да држат настава.
Кластерот во ОУ „Коле Канински“ официјално го потврди директорката на Центарот за јавно здравје Битола, Елизабета Крстевска.
„Кластерот во ‘Коле Канински’ опфаќа 13 вработени, сите шест наставници работеле онлајн и не постои ризик да ја пренеле инфекцијата на учениците“, вели Крстевска.
Бројот на заболени од Ковид-19 во Битола расте од ден во ден. За само една недела регистрирани се нови 168 заболени од корона вирусот и четворица починати. Денска нема новозаболени, бидејќи не се вршеле тестирања. Директорката на Центарот за јавно здравје Крстевска вели дека бројот на заболени расте веќе три недели, и тоа секоја недела за 50 проценти повеќе од претходната. Таа стравува дека прославите и собирањата за 8 Март и Прочка дополнително ќе влијаат на зголемување на бројките на позитивни случаи.
„Епидемиолошката состојба со Ковид-19 во Битола се влошува – има зголемена локална трансмисија последните две недели. Досега во Битола се потврдени само два случаи на британската мутација на вирусот во лабораторијата во МАНУ“, изјави Крстевска.
Во последните две недели расте бројот и на хоспитализирани, заразени од вирусот, во Битолската болница. Подолго време бројката за болнички згрижени пациенти беше околу 25 до 28, а сега се хоспитализирани 60 пациенти. Бројот на хоспитализации е зголемена за 114 проценти.
Ова не е прв случај кластери да се шират во битолските училишта и градинки. Изминатата година помали кластери беа забележани и во основните училиштата и по градинките. (А.Б.)