Корона дијалози за туризмот и угостителството


Фото: Б. Грданоски

Третата тема од серијалот Корона дијалози „Влијанието на новите предизвици од пандемијата врз туризмот и угостителството“ се одржа во услови кога пандемијата затвори многу економски активности, а први на удар беа секторите во угостителството и туризмот. Во отворена дискусија покрај главните говорници, во Дијалогот се вклучија професори, туристички работници и студенти од ФТУ кои изразија подготвеност волонтерски да учествуваат во рестартирањето на овој значаен сектор, соопшти УКЛО.

Осврнувајќи се кон најновите владини мерки министерот Крешник Бектеши оцени дека тие се интервентни, со намера да ја поттикнат приватната потрошувачка, но истовремено, да се влијае и на менување на навиките на граѓани што повеќе да ги посетуваат домашните туристички дестинации и на тој начин да се помогне во намалување на негативните ефекти.

Нагласи дека Министерството е отворено за сугестии, коментари и идеи, со цел да се создава подобра стратегија: во делот на домашниот туризам, начините на привлекување што повеќе странски туристи, особено од Регионот, се наведува во соопштението на УКЛО.

Ректорот на УКЛО, Сашо Коруновски посочи дека главните прашања со кои ќе се соочиме многу брзо, најдоцна во наредните месеци, се однесуваат на градење нови стратегии за одговор на кризата во туризмот, особено во дестинацискиот, менаџмент стратегии коишто треба да изградат отпорност, но и прилагодливост на промените.

Деканот на ФТУ, Цветко Андреески илустративно се осврна кон два аспекта: местото на туризмот во државата и причините за ударот од пандемијата врз оваа стопанска гранка и препорача посеопфатни мерки, имајќи предвид дека туризмот со околу три проценти учествува во БДП, има над триесет илјади директно вработени лица и особено затоа што неговиот развој е мултипликативен.

Говорејќи за меѓународниот туризам, професорката Иванка Нестороска ги нагласи последиците од пандемијата врз опаѓањето на обемот на меѓународните туристички патувања, приходите и работните места. Во услови кога вирусот го „заклучи целиот свет“, најновите истражувања на Светската туристичка организација покажуваат дека буквално сите светски дестинации имаат ограничувања за патување, а 72 проценти целосно ги затвориле своите граници. Според неа, Ковид -19 е предизвик со кој мора да се соочиме сите заедно, бидејќи туризмот покрај директното и индиректно креирање работни места, е значаен заради мултидисциплинарниот карактер.

Од самиот почеток на кризата хотелската Асоцијација – Хотам е вклучена во заложбите за заедничко делување, вели Крис Блажески. Поставена е како „ сврзно ткиво“ меѓу чинителите во туристичкиот сектор и државата. Асоцијацијата го промовира ставот за координираност, бидејќи се очекува слаба сезоната и, ако постои надеж дека набргу ќе почнат да се отвораат сместувачките капацитети, хотели и рестораните, покрај брзи решенија, заради неизвесноста со пандемијата, препорачуваат и долгорочни планови за излез од кризата.

Андреј Сирачевски од Аурора Турс, оценува дека економските мерки за финансиска помош кои ги донесе државата се добредојдени, но, краткорочно го олеснуваат шокот и штетите, потребно е нивно дополнување. Вредносните ваучери ќе го стимулираат домашниот туризам, но неопходни се длабински анализи, голем ангажман и суштински консултации со професионалците, за да се обезбедат подобри ресурси и инфраструктура за развој на оваа значајна гранка. Треба да се размислува и за намалување на стапката на ДДВ во угостителските објекти, туризмот е единствена гранка на која се пресметува ДДВ при извоз.

Професорот Науме Мариноски ги образложи причините поради кои туризмот како комплексна појава е меѓу најпогодените од кризата. Тој се осврна и кон визијата за неопходна, нова туристичка доктрина, при што инфраструктурната опременост, комуналната уреденост и хигиената ќе бидат во прв план, а основа за новиот стратегиски приод во третманот на чувствителноста на туризмот ќе биде максимата: Туризмот како лек.

Резимето од дијалогот е дека во угоститетлско – туристичкиот сектор покрај применливи решенија на краток рок, неопходно е редефинирање на јавните политики и доктрини за туризам, со поголема вклученост на едуциран, академски кадар и искусни лица од секторот, нова стратегија со нови приоди во туристичката понуда и промоција на земјата, при што највисоки приоритети се безбедноста и здравјето на граѓаните и довербата, процесот на нормализација е нужен заради опасноста од загрозување на економската безбедност” нагласи модераторот, Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност-Скопје.

Најновите Корона дијалози се одржаа во соработка со Факултетот за туризам и угостителство од Охрид. Иницијатор и водител на Корона онлајн дијалозите е проректорот, проф. д-р Марјан Ѓуровски, серијалот продолжува наредната среда.