Корморан за среќа на кејот на Вардар

Билјана Богдановска
Отстранети се средишните тераси на Кејот „13 Ноември“ во центарот на Скопје, со што до израз дојде дрворедот, а уште сега може да се наѕре широкиот простор по кој скопјани ќе можат да шетаат за неколку месеци.
Дополнително, на почетокот на реконструкцијата на Кејот кон средината на февруари, градоначалникот Петре Шилегов најави и засадување ново зеленило.
Според Градот Скопје, Кејот со години бил узурпиран од кафеанџиите, кои меѓу двата реда дрвја направија тераси, подоцна ги покрија, па ги заштитија од невреме со пластични ѕидови, при што на крај служеа како простор на локалите каде беше дозволено пушење, а гостите сепак да седат во некаква просторија.

Не дека и така не беше убаво, а кафулињата постојано беа полни, преку ден од вработените во близина на плоштадот „Македонија“, каде има сместено повеќе јавни институции, така и навечер. Но, од средишните лесни градби, тешко можеше да се замисли она старо скопско корзо за кое со носталгија зборуваа старите скопјани.
Од друга страна, неколкуте метри слободен простор до ѕитчето кое ја оградува реката Вардар и го штити активниот дел од кејот каде има пешачка и велосипедска патека, честопати беа окупирани од возила, што наидуваше на осуда кај граѓаните. Ни рампата на почетокот од кејот не ги спречи намерниците да сопрат со своето возило до масата на која ќе седнат да испијат кафе.
Контроверзите околу кејот со години се плетеа. Имаше идеи под него да поминува подземна сервисна улица, за да се опслужат неколку објекти на плоштадот. Имено, тоа беше булевар кој би се протегал од Владата до компексот банки. Сервисната улица на Кејот требаше да биде крак од подземниот булевар, кој би бил врската со зградата на „Телеком“. Ова решение бепше впишано и во Деталниот урбанистички план за „Мал ринг“ во Општина Центар, но токму оваа општина го спречи градењето на улицата со донесување на Програма за изглед на урбаната опрема на Кејот.
На неа, од Општината, се повикуваат и сега, па така, за возврат што сопствениците на кефулињата на Кејот, сами ги отстранија средишните тераси, ќе добијат дополнителен простор покрај самите кафулиња. Општината Центар дозволува два метра, а од Град Скопје најавија дополнителни 3,5 метра тераси, кои пак треба да внимаваат при уредувањето, поставувањето на урбаната опрема да биде согласно прифатените општински стандарди.

Класична улица нема, како што може да се види од видеото кое го прикажува предвидениот проект за Кејот, но за да се стигне до објектот на „Телеком“, кој се наоѓа на почетокот на шеталиштето од кај плоштадот ќе биде изградена сервисна улица која ќе може да ја користат ограничен број возила, во временски интервали исклучиво од 8 до 9.30 часот наутро и од 14 до 17 часот, времето кога вработените влегуваат и излегуваат – појасни градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на презентацијата на проектот.

Дотурот на стока ќе се овозможи исклучиво во одредени часови преку Градскиот трговски центар. Хаосот од возила ќе се спречи и со тоа што ќе бидат поставени две рампи кај хотелот „Холидеј Ин“.
Деновиве, конечно беше пробиен кејот покрај Вардар, кој не беше прооден заради израдбата на мостот каде требаше да има панорамско тркало. Уште да се отстранат галиите во Вардар и оние инсталации за водоскоците, можеби реката и нејзината околинаво централното градско подрачје, конечно ќе биде навистина пријатно место за прошетка, за возење велосипед или ролерки. Тогаш можеби ќе се врати и овој корморан, што денеска го забележа објективот на нашиот фотограф Борис Грданоски, а според норвешката традиција се полусвети птици, кои носат среќа, слободно да надлета над Вардар и да улови некоја риба.
