Коригираниот ДУП за Лисиче, од понеделник, на јавна анкета


Лисичани од наредниот понеделник ќе го имаат на увид коригираниот ДУП за населбата Лисиче, во кој треба да се опфатени и забелешките кои граѓаните ги доставиле преку анкетните листови во периодот кога предложениот ДУП беше ставен на јавна анкета.

Транспарентното работење и водењето грижа за интересот на граѓаните остануваат наши приоритети при носењето одлуки кои имаат цел решавање на клучните проблеми во општината.

Откако на првата јавна анкета пристигнаа забелешки од дел од жителите на населба Лисиче, го продолжуваме транспарентниот процес за заедничко носење на новиот Детален урбанистички план за овој дел од Аеродром – информираат од Општината. Јавната анкета ќе трае една недела, поточно од 3 до 10 јули, а јавната презентација ќе се спроведе на 5 јули во просториите на ООУ ,,Димитар Македонски”.

Коригираниот предлог-план ќе може да се види секој ден додека трае анкетата. Жителите на Лисиче жестоко се спротивставија на предложениот Деталниот урбанистички план за Градска четврт ЈИ09 блок 09.01 со кој се предвидуваше во населбата да се изградат девет згради, од кои највисоката би била на 11 ката, но и три седумкатници.

Тие организираа и два протести на кои кажаа „не“ за насилната бетонизација на Лисиче, односно за изградба на згради, затоа што сметаат дека овој ДУП, доколку се усвои, ќе ги направи затвореници во нивните домови, ќе го запре протокот на свеж воздух и сончевата светлина, односно ќе влијае врз квалитетот на животот во нивната населба.

Инаку, спорниот ДУП предвидува на таа локација, на која сега има куќи, да се изградат девет нови згради. Три ќе бидат на осум нивоа (приземје, шест ката и поткровје) покрај булеварот „Србија“, на земјиште што сега е главно неизградено и каде што работи еден автоплац за користени возила. Пет згради се нацртани покрај булеварот „12. Македонска бригада“, на места каде што сега има изградени куќи. На аголот меѓу булеварите, ДУП предвидува најголема зграда од 12 нивоа.