Кореографката Рисимкин на Биенале на уметноста во Тулуз


На покана на Францускиот институт од Париз, во соработка со Францускиот институт од Скопје, кореографката Рисима Рисимкин е поканета на Биеналето на уметноста во Тулуз во Франција, каде што престојува од 3 до 6 октомври. Таа ќе има можност да ги сподели искуствата на современата сцена кај нас и да договори гостувања на уметници од Франција и на наши уметници надвор од државава.
– Биеналето се занимава со „живата уметност“ и се одржува на повеќе локации низ градот во периодот од 24 септември до 12 октомври 2019 година, во организација и соработка на триесет уметнички партнери од областа на современата култура. Во рамките на делот за професионални уметници и културни работници, има повеќе од двесте учесници-гости од Франција, Австрија, Шведска, Унгарија, Чиле и други земји, изјави Рисимкин.
Во рамки на престојот Рисимкин ќе има и состаноци со уметници од областа на современиот танц, современиот циркус, музика и визуелни уметности, со што ќе се овозможи интернационален пласман на проектот „Инкубатор”, кој културниот центар „Интерарт“ го реализира во изминатите две години. Рисимкин ќе ја претстави и работата на Скопје танцовиот театар, кој следната недела ќе ја почне новата, деветта сезона, како и работата на „Танц фест Скопје”.