Копенхаген повторно на врвот како најсреќен град на светот


Годишниот попис на „Индекс на среќни градoви“ (Happy City Index) анализираше неколку клучни фактори за да утврди колку е „среќен“ еден град.

Градовите ги оценувале според управувањето и граѓанскиот ангажман, економијата, здравјето, животната средина и мобилноста, за да се процени колку се задоволни нивните жители.

Данската престолнина, Копенхаген е прва на листата и според објаснувањето, е „витален центар на културата, управувањето и економската активност“. Градот е „длабоко посветен на еколошката одржливост“ и 69 проценти од неговиот сообраќај се одвива на еколошки начин.

Копенхаген може да се пофали и со свој Музеј на среќата. Овој „мал музеј за големите нешта во животот“ им објаснува на посетителите зошто Данска е меѓу најсреќните земји во светот.

Копенхаген е главен и најголем град на Данска. Се наоѓа на источниот брег на островот Зеланд (дански: Sjælland) и делумно на островот Амагер. Од 2000 година, е поврзан со шведскиот град Малме преку мостот Ересунд. Повеќе од 600 илјади луѓе живеат во внатрешниот дел на градот, а повеќе од 1,3 милиони во целата урбана агломерација.

Цирих го освои второто место со вкупно 993 поени. Најголемиот град во Швајцарија е познат по својата економска сила, висок квалитет на живот и посветеност на одржливоста. Градот нуди бројни еколошки опции за транспорт, силни иницијативи за обновлива енергија и квалитетен здравствен систем.

Најдобро рангиран град надвор од Европа е Сингапур, кој се најде на третото место на листата со вкупно 979 поени. Високо е оценет поради неговите „светски познати универзитети“, високото ниво на граѓанска ангажираност и исклучително ниската стапка на невработеност.

Орхус, друг дански град, го освои четвртото место со 958 поени. Како втор по големина град во земјата, Орхус има „силна економија“ и високо ниво на граѓанска ангажираност. Првата петорка ја затвора Антверпен во Белгија со 956 бода, кој го престигна Сеул на шестото место (942 бода).

Лондон, највисоко рангираниот град од Обединетото Кралство, не се најде меѓу првите 20, туку се најде на 31-во место. Сепак, постигна високи 842 поени и доби пофалби за својата „обемна и ефикасна мрежа за јавен превоз“.

Манчестер на 101-то место со 713 поени и Бристол на 103-то место со 708 поени ги заокружуваат петте најсреќни британски градови.

Њујорк е највисоко рангираниот американски град, рангиран на 17-то место со вкупно 902 поени. Заработи високи оценки за образование, граѓанска ангажираност и одржливост. Сепак, падна на ранг-листата поради послабите резултати во областа на здравството – стапката на дебелина во Њујорк е 41,9 отсто.