Копач: Струјата ќе поскапи, треба да се заштитат најранливите граѓани


Цената на електричната енергија е неминовно да се зголеми, порача денес првиот човек на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, по средбата која во Скопје ја имаше со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски. На средбата, како што информира Бислимоски, станало збор за случувањата во електроенергетскиот сектор и во секторот за природен гас во Македонија.

„Го информиравме Копач за последните случувања на пазарот на електрична енергија како и за мерките кои што се преземени, од државните органи“, рече Бислимоски.

Копач рече дека енергетската криза ја зафати не само Македонија туку и Европа и целиот свет.

„Во таква криза најлесно преживуваат оние кои имаат домашно производство на струја бидејќи можат тоа да го амортизираат. Македонија за жал нема сопствено производство, нема ни јаглен и многу зависи од увозот и тоа се рефлектира на цената, сакале тоа или не“, рече Копач.

Тој додаде дека сегашната состојба не може да се реши преку ноќ и тука се потребни големи инвестиции во нови електрани на ветар, на сонце, во батерии, во Чебрен и само тоа ќе помогне земјата да биде зависна од сопствените ресурси.

„Сето тоа ќе има одраз на цената на електричната енергија, ќе дојде до поскапување, бидејќи увозот е скап, и таму е најважно да се дефинираат најранливите потрошувачи за да се надомести од јавни средства да можат да платат, а ниска цена не е потребна за сите“, рече Копач.

Како илустрација, тој рече дека производствената цена во РЕК Битола е 55 евра  за мегават час, а ЕСМ ја продава за домаќинствата по 36 евра.

„Се разбира тука е голем дефицит, додека се остваруваше некој профит од продажба на претпријатијата можеше да се покрие, но сега кога се увезува по цена од 150 евра е невозможно“, рече Копач.

Како што нагласи во сите земји од поранешна СФРЈ, со исклучок на Словенија и Хрватска, се држат ниски цените на струјата за домаќинствата.

„Во земјите од бивша Југославија, освен Хрватска и Словенија кои се во ЕУ, сите други држат ниски цени на струјата за домаќинства, бидејќи се третира како социјално добро, но тоа е пазарно добро. Политичарите се плашат од зголемување на цената, но поради ниската цена на електрична енергија премногу се троши и плус нема пари за инвестиции во секторот. Цел Балкан ќе има дефицит на струја. Тоа ќе биде голем проблем за сите“, нагласи Копач.

Посочи дека во земјава, како и во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина воопшто не е вложувано во енергетскиот сектор во последните 20 години и дека ќе требаат десетина години за да се подобри состојбата.

„Јас би отишол со голема брзина во голема инвестиција на обновливи извори, тоа е приватен капитал, цените на пазарот се добри, не треба да им се дадат субвенции, само треба МЕПСО да го овозможи приклучувањето и тоа ќе даде нови капацитети. Обновливите извори на енергија се проблематични, треба да се балансираат, треба да го има и Чебрен…. На Северна Македонија и треба и енергетска ефикасност. Многу трошите, зградите се енергетски неефикасни. Трошите струја за греење, а треба да имате централно греење на биомаса или на гас кое во комбинација со обновлива изворна енергија ќе овозможи долгорочна нормална ситуација“, рече Копач.

Очекува дека ситуацијата ќе се подобри веќе следната година, некаде април-мај, но до тогаш, како што посочи, цената на струјата ќе остане.

Препорача јавните институции да штедат и да одржуваат пониска температура во просториите, да се гаси светлото итн.

„Тие се мали мерки, но секогаш се добри. Можеби тоа веќе се случува. Кампањите за штедење на електрична енергија се секогаш добри, но рестрикциите се само за во најголема криза. Рестрикција е нешто што е шок за нормален живот, а кампањата и доброто однесување се секогаш добредојдени, потенцира Копач.

Негова оценка е дека Северна Македонија како држава членка на Енергетската заедница има напредок во реформите на енергетскиот пазар.

„Чекаме промени во Законот за енергетика за некои додатни работи. Ако тоа го споредиме со останатите земји, Северна Македонија, Црна Гора и Србија на подрачјето на електрична енергија се најнапредни во оваа област“, нагласи Копач.

Прашан дали земјава сама се доведе до оваа ситуација да биде зависна од увоз на струја, рече дека причина за тоа е што не се инвестирало доволно во енергетскиот сектор.

„Можеби можеше да биде многу подобро, но мора да се инвестирало во последните 10 години, но не се инвестираше. Практично освен една инвестиција во фотоволтаици и сега тендер во Осломеј немаше нови инвестиции во енергетиката“, прецизира Копач.

Претседателот на РКЕ Бислимовски посочи дека и во моментов се водат повеќе јавни кампањи за штедење на електрична енергија кои ги прават компании што вршат енергетска дејност.

Прашан за колку ќе се зголеми цената на струјата по 1 јануари, претседателот на РКЕ рече дека прво треба да се распишат три тендери – за набавка на загуби од МЕПСО и ЕВН дистрибуција, како и за набавка на енергија за потребите на малите потрошувачи и домаќинствата од ЕВН хоум.

„За овој тендер, најмалку 60 отсто треба да обезбеди ЕСМ, ќе видиме колку и по која цена и дали ќе има потреба од увоз за електрична енергија. Нека завршат па ќе информираме“, посочи Бислимоски и потсети дека од 2019 година РКЕ веќе не ја определува цената по која ЕСМ ја продава електричната енергија.

Инаку, Копач објасни дека глобалната енергетска криза прво почнала во Кина со недостиг на јаглен поради политичките судири со Австралија се прошири на гас, тука се цените за јаглеродниот диоксид во Европа, па затоа поскапе цената на струјата. Гасот стана глобално добро, не е како некогаш кога цените беа локални и сето се испреплете во криза која го зафати целиот свет.