Копа Америка: Финалето Бразил – Аргентина, сепак, пред публика


Финалниот натпревар на Јужноамериканското фудбалско првенство меѓу домаќинот Бразил и Аргентина ќе се игра пред ограничен број гледачи на „Маракана“ во Рио де Женеиро, и покрај неповолната епидемиолошка состојба поврзана со Ковид-19.

Локалните медиуми јавија денеска дека финалето на Копа Америка ќе се игра пред 7.800 гледачи, што претставува 10 отсто од капацитетот на стадионот „Маракана“.

Навивачите ќе мораат да поседуваат негативен тест на коронавирус и да одржуваат социјална дистанца на трибините.

Бразил е меѓу најпогодените земји во светски рамки од коронавирусот, а само во градот Рио де Женеиро досега се регистрирани над 327.000 позитивни случаи на Ковид-19.

Финалето меѓу Бразил и Аргентина ќе се игра ноќта меѓу сабота и недела, во 02.00 часот по средноевропско време.