КОП27: Јордан и Израел ќе разменуваат струја за вода


 Израел и Јордан денеска на маргините на КОП27 во Египет потпишаа меморандум за разбирање за размена на вода за електрична енергија добиена од соларните електрани.

Меморандумот е дел од идејата, предложена пред една година, Јордан да изгради 600 мегавати соларен капацитет и да извезува електрична енергија во Израел. За ова Израел ќе испрати 200 милиони кубни метри десалинизирана вода во Јордан.

Меморандумот беше потпишан на климатскиот состанок на Обединетите нации во египетскиот Шарм Ел Шеик, настан организиран од Обединетите Арапски Емирати.

Во 2020 година, ОАЕ станаа првата земја од Заливот што ги нормализираше односите со Израел и се партнери во овој проект.

Министерството за енергетика на Израел објави дека експерти од двете земји имале состаноци минатата година за да ги координираат финансиските, логистичките и регулаторните аспекти на проектот.

Потпишувањето на Меморандумот ја изразува заедничката желба на земјите да се справат со климатската криза преку прекугранична соработка, објави израелското Министерство за енергетика.