Координаторот на ДУИ за притворот за Морина: „срамота, срамота, срамота …“


Координторот на пратеничката група на владејачката ДУИ Ејуп Аљими најмалку десет пати го употреби зборот срамота во своето денешно неколкуминутно обраќање од собраниската говорница, додека поставуваше пратеничко прашање до владата за екстрадицискиот притвор  на Томор Морина, поранешен член на ОВК,  кој е уапсен во земјава по потерница на Србија. Аљими, кој не многу често дискутира во парламентот, овој пат, обраќајќи се изреволтирано кон министрите и премиерот, дури и го спореди постапувањето кон Морина со политиките на режимот на Слободан Милошевиќ во Србија.

Премиерот Зоран Заев му одговори на Морина дека владеењето на правото и почитувањето на меѓународни правила е норматив и европска вредност за која се залага и оваа владејачка гарнитура.

-Потерницата е стигната од Интерпол, не е ниту од Вучиќ или Милошевиќ. Од Интерпол каде сме членка и каде сме гласале и Косово да биде членка, без разлика што Србија е против. Постапките ги води надлежен обвинител и за нив одлучува надлежен судија. Не ги води Заев, ниту Спасовски, ниту Агим Нухиу… ниту кој било од владата. За да можете вака да покажувате со прст, мора прво да знаете кој води постапки и кој одлучува. Второ, треба да знаете кој е законот и владеењето на правото и трето што значи почитување на меѓународните закони и правила – одговори Заев.

Тој посочи дека е пријател со косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај, нагласувајќи сите членки на ЕУ и земјите кои го признале Косово постапуваат согласно со меѓународното право во однос на меѓународни потерници.  Заев додаде дека од Министерството за правда го информирале каква е праксата во вакви случаи и додаде дека верува оти граѓанинот на Косово согласно тоа дали има или не екстрадициона одлука ги има сите права, согласно закон, владеење на правото и на меѓународното право.

-Праксата покажала дека Интерпол кога ги прима документите стои дека е граѓанин на Србија. Тоа не е точно. Денеска нашата земја и пријателска со Косово потврдува дека е тој граѓанин на Косово, а има пасош и од Велика Британија и од Косово. Дозволете институциите да си ја завршат работата. Најмалку што очекувам е почитување на законите на оваа држава – рече Заев.