Конзулот од Минхен кој честиташе ослободување на Слупчане ќе биде повикан во МНР


Генералниот конзул на Македонија во Минхен ќе биде повикан на консултации во Министерството за надворешни работи веднаш штом се создадат услови за патување, кои во моментов се отежнати со оглед на пандемијата, соопшти Министерството за надворешни работи по реакциите на објавата на фејсбук на конзулот Реџеп Демири. Оваа објава се коси со Законот за надворешни работи и етичкиот кодекс на дипломатите. Консултациите ќе бидат во насока на испитување на околностите за утврдување евентуална одговорност врз основа на дисциплинска постапка, соопшти МНР.

Конзулот Реџеп Демири пред два дена преку својот фејсбук-профил го честиташе „ослободувањето“ на Слупчане.

„Честит 2 мај 2001! Стотици борци на ОНА заземаа точки за да ја заштитат татковината, правата и албанскиот дух насекаде. Засекогаш во нашите сеќавања, маченици на нацијата. Слава им“, напиша конзулот, некогашниот член на ОНА, поставен за шеф на Генералниот конзулат на Македонија во Минхен во јуни минатата година.