Конзорциумот „Шолц“, Ц.И.О.С и „Сплендор МАК“ ќе биде приватен партнер за управување со „Дрисла“


Фото: Б.Грданоски

 

Конзорциумот составен од „Шолц“ АГ – Германија, Ц.И.О.С. – Хрватска и „Сплендор“ МАК Дооел од Република Македонија ќе биде приватен партнер за вложување во јавното претпријатие за депонирање на комунален отпад „Дрисла“, а со цел вршење на концесиска дејност-депонирање на отпад во депонијата, одлучија советниците на Град Скопје на седница на Советот.

Комисијата за преиспитување и повторување на постапката за донесување на одлука за избор на приватен партнер, формирана од градоначалникот на Град Скопје, постапуваше по по пресудата на Вишиот суд.

На денешната седница не беа обелоденети условите под кои идниот концесионер ќе управува со јавното претпријатие за депонирање на комунален отпад „Дрисла“ во Друштво со ограничена одговорност, а за тоа ќе се чека составуавњето на новиот договор.

Според предлог-одлуката, друштвото се основа со основна главница во износ од 770.000 денари, во која приватниот партнер (Конзорциумот составен од SCHOLZ AG – Германија, C.I.O.S.d.o.o – Хрватска и „Сплендор“ МАК ДООЕЛ од Република Македонија) преку друштвото за посебна намена ќе учествува со 616.000 денари, што претставува 80 проценти од основната главнина, а јавниот партнер (Градот Скопје) ќе учествува со паричен влог во висина од 154.000 денари, што претставува 20 проценти од основната главнина.

Со депонијата во моментов управува италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ која во изминативе осум години, откако е носител на концесијата, не исполни ништо од она што се предвидува во концесискиот договор.
Тие требаше да направат нова постројка за согорување на индустриски и за медицински отпад, за селекција на отпадот, да набават нова механизација и опрема, да произведуваат струја од ѓубрето, но и да изградат нов административен објект.

Како што појасни градоначалникот Шилегов на седницата, проблемот настанал пред седум години кога незаконски „ФЦЛ Амбиенте“ учествувала на тендерот за концесионер.

Тој предупреди дека ако се поништи постапката, се соочуваат со можност од тужби од двете фирми, односно три затоа што тогаш и австриска фирма конкурирала, а тоа според него се побарувања од 70-80 милиони евра поединечно од секоја фирма што ќе бидат доставени до Градот.

Најави дека по потпишувањето на договорот со конзорциумот, што тој планира да се потпише и порано од шест месеци, ќе ја следи работата во „Дрисла3 и ако не се исполнуваат обврските од договорот, ќе бара одговорност од концесионерот а „Дрисла“ ќе се врати на управување на градот,по што ќе се бара нов конзорциум.

Опозициските советници укажаа на можноста случајот повторно да заврши во судските лавиринти.

Изборот на нов концесионер требаше да биде направен пред неколку месеци, но тогаш градоначалникот Шилегов ја одложи, заради распишаните претседателски избори.