Конзервните фабрики голем товар за работата на пречистителната станица во Гевгелија


Конзервните фабрики за преработка на зеленчук и овошје од Гевгелија, трета сезона по ред во периодот од средината на август до крајот на ноември, посебно во сезоната за производство на пинџур, претставуваат потенцијална опасност за нормалното функционирање на пречистителната станица за отпадна вода, велат од Јавното комунално претпријатие кое стопанисува со станицата.

Раководителот на пречистителната станица, Крсте Крстов, посочува дека најголеми количини семе од пиперки и делови од пиперки и други водови зеленчук во канализацискиот систем испуштаат фабриките „Хина“ и „Вори“ и дека тоа предизвикува големи проблеми во функционирањето на станицата, поради што се предупредени со писмо да ги преземат минималните мерки за пред-третман на отпадната вода, за што се обврзани со закон.

-На 18 септември го имавме првото оштетување на пластичната подлошка на сепараторот за песок кој, наместо песок, цело време вади семки и делови од пиперки кои често ги затнуваат цевководите, ги преоптоваруваат компресорите кои трошат многу повеќе струја, па дури и ја блокираат работата на пречистителната станица, вели Крстов и додава дека прашање на време е кога „Комуналец“ќе биде принуден да ја зголеми ставката за пречистување отпадна вода како последица на зголемени трошоци за одржување, која ќе биде на товар на сите граѓани и компании од Гевгелија.

Од Пречистителната станица изразија надеж дека предупредувачкото писмо ќе биде сфатено сериозно како апел и дека без временски определен рок, но најдоцна до почетокот на следната производна сезона, именуваните конзервни капацитети ќе ги преземат законските мерки за пред-третман на отпадната вода затоа што во спротивно ќе биде побарана арбитража од Министерството за животна средина и просторно планирање.