Конверзијата на девизните резерви во денари не е печатење пари, велат од Народната банка


Фото: Б. Грданоски
Конверзијата на девизните резерви во денари не се прави во менувачниците, туку врз основа на писмени барања од државата која ги откупува девизите и оваа операција не значи печатење пари, појаснуваат од НБ откако вчера во јавноста се јавија дилеми околу зголемувањето на девизните резерви врз основа на еврообврзницата и нивното користење.
“Конверзијата на девизите во домашна валута, државата не може да ја направи во менувачниците, бидејќи тие работат исклучиво со физички лица. Конверзијата се прави врз основа на писмени барања доставени од страна на државата до Народната банка, која ги откупува овие девизи, а денарската противвредност се пренесува на трезорската сметка на државата. Притоа, нивото на девизните резерви останува непроменето (бидејќи државата ѝ ги продава девизите на Народната банка), и самата трансакција не значи „печатење на пари“, велат од Народната банка.
Од таму исто така појаснуваат дека девизните средства на државата, вклучително и средствата добиени врз основа на задолжување или донации од странство, се чуваат на сметки во Народната банка и согласно со меѓународните стандарди претставуваат дел од девизните резерви. Како дел од девизните резерви, овие средства претставуваат дополнителна поддршка за носителите на монетарната политика во одржување на стабилноста во економијата.
“Секако, државата слободно располага со овие средства и во зависност од потребите за финансирање, како и досега, тие може да се користат за отплата на долг кон странство кој достасува во следниот период, други редовни плаќања на државата кон странство, како и за финансирање на буџетските расходи во домашната економија во домашна валута”, велат од НБ.
Како што е познато, дел од еврообврзницата ќе се искористи за отплата на долгови кон странство што доспеваат овааа година, а дел за покривање на  расходите во Буџетот, односно за трошење во земјава.
Во вчерашното соопштение од Комитетот за оперативна монетарна политика беше нагласено дека нивото на девизните резерви се одржува во сигурната зона, а остварувањата во текот на второто тримесечје, главно се во согласност со очекувањата. Во текот на овој месец, девизните резерви забележаа значаен раст од околу 600 милиони евра
“Податоците од надворешниот сектор за второто тримесечје се ограничени, но од расположливите податоци се согледува поизразено негативно влијание врз домашната економија од ширењето на коронавирусот, во согласност со очекувањата дека негативните ефекти ќе бидат најсилни во април, со постепено закрепнување во преостанатиот дел од вториот квартал”, соопштија од Народната банка.