Контроверзниот обвинител Јован Цветановски ветува борба со високата корупција
Јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, кој е кандидат за раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), денеска пред Советот на јавните обвинители како клучни приоритети ги издвои зголемувањето на ефикасноста во истрагите за висока корупција и перење пари, намалувањето на бројот на стари и нерешени предмети, како и зајакнувањето на кадровските капацитети и истражниот центар.
Цветановски истакна дека е потребен проактивен пристап во постапувањето по предметите, како и поефикасна соработка со институциите вклучени во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
– Приоритетите и целите за периодот 2026 – 2030 година се зголемување на ефикасноста во истрагите за висока корупција и перење пари, намалување на бројот на стари и нерешени предмети, целосна операционализација и јакнење на кадровските ресурси и на истражниот центар, како и проактивно постапување по предмети оформени по допрен глас – рече Цветановски.
Тој посочи дека за остварување на овие цели е неопходно да се унапреди соработката со Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и другите надлежни институции преку заеднички тимови, дигитализација на доказниот материјал и паралелно водење финансиски и кривични истраги.
Посебен акцент, според него, треба да се стави на финансиските истраги уште од почетокот на постапките за висока корупција.
– Со поведувањето кривична истрага истовремено треба да почне и финансиска истрага. Тоа е потребно не само за откривање на сторителите на кривичните дела туку и за откривање на противправно стекнатата корист и средствата што произлегуваат од кривичното дело – нагласи Цветановски.
Тој оцени дека раното откривање и обезбедувањето на незаконски стекнатиот имот е клучно за успешна конфискација и за собирање докази што ќе помогнат во утврдувањето на кривичната одговорност.
Во своето обраќање Цветановски се заложи и за дополнително јакнење на капацитетите на ОЈО ГОКК, вклучително и внимателен избор на полициски службеници во Истражниот центар, пред сѐ со искуство во финансиски и организиран криминал, како и за ангажирање финансиски експерти и форензичари во рамките на Обвинителството.
– Сметам дека јавните обвинители треба да имаат поголем пристап до судската пракса и до одлуките што ги донесуваат другите јавни обвинители – рече Цветановски додавајќи дека поголемата транспарентност би ја зајакнала довербата во институцијата и би го намалила просторот за шпекулации во јавноста.
Тој се осврна и на примената на мерките за обезбедување присуство во текот на истражната постапка оценувајќи дека притворот треба да се користи само кога се исполнети законските услови, а во другите случаи да се применуваат другите мерки предвидени со закон.
На прашањето доколку се најде во ситуација неговиот став да се разликува од ставот со јавен обвинител од Обвинителството, односно како би ја решил таа ситуација, тој одговори „мојот став би бил дека предметот мора да се диктира со докази“.