Партиските адвокати под лупа


Кавга ја прекина седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која требаше да се донесе одлука дали се прифаќа барањето на опозицијата да се одржи надзорна расправа за договорите за консултантски, адвокатски и нотарски услуги што ги склучуваат Владата, органите на државна управа и претпријатијата со државен капитал.

Според предлагачот, пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, ваквите услуги не подлежат под регулативата за јавни набавки, а можноста за склучување договор во четири очи со дискреционо право на менаџментот отвора сомнеж за излевање огромни суми кон одредени консултанти, адвокати и нотари.

„Во изминатиов период во повеќе наврати протекоа многубројни информации за ангажирани адвокатски друштва на лица носители на јавни функции или во роднинска врска со нив“, образложи пратеникот Мицевски. Во барањето за надзорна расправа се посочени неколку примери за фаворизирања. Адвокатското друштво КВЦ (Дејан Костиќ, Велимир Велковски и Теодора Цветаноска) Владата го ангажирала за регистрација на именуваните функционери во Централен регистар, а генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, е венчан кум на адвокатот Дејан Костиќ. Потоа, еден од сопствениците на адвокатското друштво „Де леге“ е пратеничката на СДСМ, Снежана Калеска Ванчева, а ЈП „Водовод и канализација“ го ангажирал токму него. Стевица Јосифовски е адвокат кој го застапува СДСМ и истовремено е ангажиран од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Поранешната министерка Мери Младеновска-Ѓорѓиевски е ангажирана од повеќе претпријатија и е советник за деловно право на вицепремиерот Кочо Анѓушев. Миле Зечевиќ, поранешен директор на УБК и шеф на изборниот штаб на СДСМ на локалните избори 2017, е ангажиран од повеќе претпријатија и е надворешен советник на премиерот Зоран Заев. Адвокатското друштво „Вујиќ и Ристовски“ е ангажирано од ЈСП „Скопје“, а Оливер Ристовски е заменик-министер за правда, додека Мирослав Вујиќ е неизвршен член во одборот на директори на „Македонски телеком“, по предлог на Владата.

Целта на надзорната расправа е да се подобри транспарентноста и да видиме колкави износи имаат добиено адвокати и адвокатски друштва на лица кои вршат јавни функции или нивни роднини, побара ВМРО-ДПМНЕ на седницата.

Но Костадин Костадинов посочи дека за СДСМ е прифатлива надзорна расправа, но потсети дека со закон донесен во време на ВМРО-ДПМНЕ, во 2013 година, беше наложено сите платни налози со износ над 2.000 денари да бидат подготвени од адвокат, со што трошоците за нотарски и адвокатски услуги на претпријатијата, без исклучок, беа значително зголемени.

Тој рече дека СДСМ нема никаков проблем со одржување на јавна расправа, но прво побара во надзорната расправа тема да биде и самиот Закон за јавни набавки.

„Ако вака како што сте предложиле се одржи надзорната расправа, ќе биде голо оцрнување на одредени луѓе, што ќе го наруши интегритетот на Собранието и на нас како пратеници. Предлагам да го прифатиме барањето на ВМРО-ДПМНЕ, но и да видиме што се работело во изминатите 10 години, за истите договори, склучувани во истите тие институции. Очекувам дека вие како опозиција ќе нè поддржите за нашето барање за преиспитување на одлуките на Владата околу давањето концесии за изградба на хидроцентралите. Зашто и ние имаме одредени сомнежи дека класично и бескрупулозно се кршеле законите за остварување лични цели“, рече Костадинов.

Претседателката на комисија Љиљана Затуровска кажа дека оваа комисија ќе ја користи надзорната расправа како алатка за транспарентност. Но пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не сакаа да прифатат никаква сугестија за менување на нивното барање за надзорна расправа. А, пак, СДСМ, и по кратката пауза за консултации, не отстапи од барањето за испитување на адвокатските и други услуги од 2013 досега. Бидејќи повеќето членови од Комисијата за финансирање и буџет се од редот на позицијата, а СДСМ предложи и нивниот дополнет предлог за надзорна расправа да се гласа – тој предлог помина.

„Вие сосема го променивте нашиот предлог и вашиот предлог го усвоивме. Ве прашувам, на каков начин нашата иницијатива сега ќе добие зелено светло и како ќе ја прифатите“, праша Затуровска.

„Не е така“, ѝ врати Костадинов, „помина мојот предлог кој всушност е вашата иницијатива, само со изменет наслов. Не станува збор за две иницијативи“.

„Ја минирате работата на Комисијата“, му одговори Затуровска. „Вие не надгласувате со силата на мнозинството. Ние не се согласуваме со видоизменетата иницијатива“, додаде Затуровска и ја прекинува седницата.

Анита Салтировска

„Водовод и канализација“ не одговорила колку адвокати колку плаќа

Советникот на град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Михајло Маневски, побара градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, да го разреши директорот на „Водовод и канализација“, Душко Весковски, затоа што во 2018 година и првиот квартал на 2019 година за адвокатски услуги платил околу 1.080.000 евра.

 

Маневски, уште пред распишување на претседателските избори, поставил советничко прашање до Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ од колку адвокати и адвокатски канцеларии се побарани услуги, за што биле услужени, колку пари биле исплатени за таа намена и кога.

 

Како што појасни Маневски, Миле Зечевиќ, советникот на премиерот Зоран Заев, за адвокатски услуги лани наплатил повеќе од 77 илјади евра за ангажман од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Исто така, поранешната министерка за правда од СДСМ, Мери Младеновска-Ѓорѓиевска, од „Водовод и канализација“ добила 38 илјади евра како и адвокатското друштво „Де леге“, каде што еден од сопствениците е и пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева, кои добиле 48.000 евра од претпријатието за адвокатски услуги.

 

Но до одржување на последната седница на Советот на Град Скопје, во вторникот, Маневски не добил одговор, односно му било одговорено дека тие адвокати не се вработени во претпријатието туку се користат само нивните услуги. Според податоците што ги изнесе Маневски, ЈП „Водовод и канализација“ ангажирало 24 адвокати и адвокатски друштва, на кои им исплаќале од 40.000 до 80.000 евра. Повикувајќи се на правото на градоначалникот и Град Скопје под чија надлежност е ова претпријатие, побара директорот на „Водовод и канализација“ да биде разрешен. (Б.Б.)