Контрола на летање без радарска слика половина час
Околу половина час македонското небо не било покриено со радарска слика од системот на радари во Македонија. Прекинот на радарската слика се случил по интервенција на радарот во Охрид. За падот на системот бил информиран центарот во Брисел и оттаму била воведена рестрикција на летови на македонското небо. Само оние авиони што тоа време се нашле во македонскиот воздушен простор биле водени од македонските контролори, за да можат да го извршат прелетот.
Од македонската навигација М-НАВ го потврдија настанот.
„Во средата, во периодот од 23:44:57 до следниот ден во 00:15 часот, имало непланиран прекин во радарската слика поради интервенција. Притоа е постапено согласно пропишаните процедури и безбедно е одработен актуелниот сообраќај. Веднаш е информиран центарот за проток на сообраќај во Брисел, со цел воведување регулација на сообраќајот кој треба да доаѓа наредните часови. По соодветна интервенција на службите во МНАВ, проблемот е идентификуван и надминат, по што се продолжило со безбедно давање на услугите во воздухопловната навигација. Веднаш се известени Агенцијата за воздухопловство и Комитетот за сериозни инциденти и несреќи и по прелиминарните извештаи за причините за овој настан ќе излеземе со дополнителни информации“, ни изјави директорот на М-НАВ, Николче Тасески.
Во моментов нема официјално објаснување за причините за падот на радарската слика. Од Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), која е регулатор на дејноста, велат дека очекуваат подетални информации од М-НАВ.
„Агенцијата е информирана за настанот од 19 септември во полноќните часови, согласно меѓународните стандарди. Во текот на денот претставници на АЦВ учествуваа на проширениот состанок во М-НАВ. Воспоставена е континуирана координација со менаџерот за безбедност на М-НАВ и со менаџментот. АЦВ очекува детален извештај за настанот“, ни изјавија од Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Неофицијално, во синџирот на настани, прв бил проблемот на радарот во Охрид. Но не се знае кој интервенирал и дали меѓу нив имало недоволно обучени лица.
„Данокот на импровизациите во воздухопловството е превисок“, реагираат вработени од М-НАВ.
Познавачите на воздухопловството велат дека вакви настани не само што го рушат тешко заработениот рејтинг на цивилното воздухопловство во Македонија, туку се и безбедносно опасни.
„Затоа треба детално да се каже каков вид интервенција се вршел на радарот во Охрид, дали ја вршеле соодветно обучени лица, дали за интервенцијата биле информирани законски одредените органи, дали присуствувале странски државјани на местото на интервенцијата и со која цел?“, ги поставуваат прашањата експерти од авијација.
Во четвртокот до доцна попладне траеле состаноци во М-НАВ поврзани со губењето на радарската слика.
Анита Салтировска