Конте: Путин ќе формира истражен одбор за труењето на Навални


Италијанскиот премиер Џузепе Конте денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин го известил дека ќе формира Комитет за испитување на наводното труење на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.

-Претседателот Путин ме увери (во неодамнешен разговор) дека Русија има намера да разјасни што се случило и ми кажа дека ќе формира истражна комисија и дека е подготвен да соработува со германските власти, изјави Конте за „Ил фолио“.

Конте додаде дека соработката е најдобриот начин да се спречи овој драматичен настан негативно да влијае на односите меѓу ЕУ и Русија.

Навални, кој е во болница во Берлин, со авион  беше префрлен в Германија откако минатиот месец му се слоши на внатрешен лет во Русија.

Германија потврди дека Навални бил отруен од нервниот агенс Новичок и дека целта на нападот била тој да се убие, додека Русија наведува дека нема докази дека Навални бил отруен.