Конте поднесе оставка од премиерската функција

Италијанскиот премиер Џузепе Конте поднесе оставка откако се продлабочија несогласувањата со вицепремиерот и лидер на Лига, Матео Салвини.

Во обраќањето во Парламентот, Конте го обвини Салвини дека сопствениот интерес го става пред државниот.

– Одлуката на Салвини (да ја разниша коалицијата) е сериозна и има значителни последици по економскиот и социјалниот живот на земјата, посочи Конте.

Конте, кој е професор по право, денеска се обрати пред италијанскиот Сенат, речиси две недели откако Салвини го повика да го прекине партнерството и да се оди на нови избори.

Лигата бараше изгласување недоверба на Владата на Конте, но тој тоа го избегна и сам поднесе оставка.

Минатиот викенд, Конте жестоко го нападна Салвини за своите постапки, обвинувајќи го за нелојалност. Сѐ започна кога Салвини одби да дозволи миграциски спасувачки брод да вплови на островот Лампедуза.

Лидерот на Лигата, како што се очекуваше, се залага за избори за да може да ја искористи својата зголемена популарност, која моментно изнесува 38 проценти. Но, партијата на Салвини е значително послаба во Парламентот, бидејќи освои само 17 проценти од гласовите на изборите во март. Но, неговата стратегија може да пропадне ако Демократската партија и Движењето пет ѕвезди формираат мнозинство.