„Контактите“ на Мицкоски се регистрирани во Бања Лука со канцеларии во Белград, рече Пендаровски
Приказните за „контактите“ што ги понуди Христијан Мицкоски, кои подоцна станаа „позиции“ за снабдување со гас и мазут, нагло стивнаа по краткотрајната бура во октомври што ја предизвика оваа понуда на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за вчера на два пати да се реактуелизираат. Но во разоткривачка смисла.
Синоќа министерот за економија, Крешник Бектеши, во гостување на Сител, изјави дека понудите на Мицкоски до Владата биле неприфатливи затоа што доаѓале од Русија, што е прво такво обелоденување.
Речиси во истовреме претседателот Стево Пендаровски во „Само интервју“ на Канал 5 изјави дека „контактите на Христијан Мицкоски се регистрани во Бања Лука со канцеларии во Белград“. Тоа отворено сугерира дека тие на овој или оној начин се блиски со Руската Федерација.
Во драмата со понудата на лидерот на опозицијата Бектеши ги доби „контактите“ од Мицкоски, кој потоа изјави дека немал намера „да се вклучува во комерцијалниот дел“ затоа што има надлежни лица да го водат процесот.
Потоа во Белград имаше состанок на кој од македонска страна беа министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, како и советникот за енергетика во Владата, Васко Андонов. На другата страна, како што тогаш објави „Независен“ биле претставници на компанијата ПГО регистрирана во Швајцарија во кантонот Цирих со дејност трговија со нафта и нафтени деривати. Познавачите на приликите кај нас велат дека таа компанија не е непозната во овдешните кругови, бидејќи и во минатите години се нудела за снабдување со енергенти.
Од страна на ПГО на состанокот присуствувале двајца претставници, едниот државјанин на Србија, а другиот на Босна и Херцеговина. На тој состанок, според извори од Владата, било презентирано кои се условите согласно нашиот закон, банкарски гаранции, количества, место на испорака, како и дека која било фирма треба да достави понуда до ЕСМ како компанија задолжена за купување енергенти.
„До ден денешен, таква понуда не е доставена. Ниту за гас, ниту за мазут, ниту за што било друго“, рекоа тогаш од Владата.
После тоа немаше никаква информација што станало со комуникацијата со тие „контакти“, за Бектеши вчера да изјави дека тие биле неприфатливи затоа што доаѓале од Русија. (Н.В.)