Конституиран Национален совет за извоз со кој ќе раководи Стопанската комора


 Во Стопанската комора на Северна Македонија денеска се одржа конститутивна седница на Националниот совет за извоз, кој ќе биде главен механизам за јавно-приватен дијалог каде ќе се третираат сите прашања поврзани со промоција и поддршка на извозот.

Претседател на Советот е Бранко Азески, претседател на Стопанската комора, а во  членуваат и претставници на Владата, владини институции и тела, органи на државната управа кои имаат надлежности и вршат активности поврзани со извозот и  претставници од различни извозно ориентирани сектори /компаниите. 

-Целта на ова тело е да обезбеди поголема поддршка за домашните извозни компании во нивните напори за зголемување на конкурентноста и градење на системски пристап за поголема промоција на извозните компании и производи на регионалните и меѓународните пазари. Како земја сме мал пазар со ограничена куповна моќ и единствен начин да се развиваме во иднина како економија е да градиме извозни капацитети и компании кои ќе бидат подготвени да се натпреваруваат и победуваат на регионалните и глобалните пазари, рече Азески.

Исклучително неповолната структура на нашиот извоз што ја имаме, како што рече се гледа со тоа што нашите компании извезуваат само 370 производи со вредност поголема од милион долари, а првите 25 извозни производи учествуваат со 66 проценти во вкупниот извоз на земјата. Исто така, 95 проценти од македонскиот извоз се пласира на само 25 пазари. Од вкупно 3.500 извозни компании во моментот само 450 извезуваат со вредност поголема од 1 милион долари. Овие се поразителни бројки кои ние како земја час поскоро треба и мора да ги промениме. За таа цел, комората и јас лично веќе подолг период јавно укажуваме, а сега и со конкретни мерки и чекори почнавме активно да работиме на тој план, истакна Азески. 

На конститутивната седница, информираат од комората, се отвори дискусија по однос на Нацрт Стратегијата за промоција на извозот на РСМ 2023-2027 година.

Советот ќе биде раководен од страна на Комората, во рамки на проектот за поддршка на приватниот сектор за регионална економска интеграција што Стопанската комора го имплементира во партнерство со Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави – УСАИД.

-Преку проектот Стопанската комора и во наредниот период ќе работи на поголема промоција на компаниите преку организирани настапи на меѓународни саеми, Б2Б средби, организирање на купувачки мисии и други форми на промоција. Во меѓувреме, Комората посветено работи на целосно зајакнување на сопствените капацитети преку Клубот на извозници и Советот за унапредување на индустриското производство и извоз кои се специјализирани тела насочени кон обезбедување на целосна поддршка за извозните компании, велат од комората.