Конор Мек Грегор лани заработил повеќе и од Меси и од Роналдо
Ирската ѕвезда во боречки вештини Конор Мек Грегор беше најплатениот спортист во 2020 година со заработка од 180 милиони долари, објави американскиот магазин Форбс.
Интересно, 32-годишниот Ирец се бореше само еднаш минатата година. Во јануари, по само 40 секунди, го нокаутираше Доналд Керорон во главната борба на УФЦ 246 настанот во Лас Вегас. За таа борба заработи 22 милиони долари.
Сепак, најголемиот дел од неговата заработка беше од продажбата на мнозинскиот пакет акции во марката виски „Proper No. Twelve“ на Proximo Spirits за 150 милиони долари.
Мек Грегор беше еден од четворицата спортисти кои заработија повеќе од 100 милиони долари во 2020 година, а преостанатите тројца се фудбалерите Лионел Меси и Кристијано Роналдо и ѕвездата на американскиот фудбал Дак Прескот.
На второто место на списокот на најплатени спортисти во специфичната пандемиска година е ѕвездата на Барселона, Лионел Меси со заработка од 130 милиони долари, а зад него е ѕвездата на Јувентус, Португалецот Кристијано Роналдо со 120 милиони долари.
Бекот на Далас Каубојс, Дак Прескот е на четвртото место со 107,5 милиони долари.
Кошаркарската ѕвезда Леброн Џејмс го држи петтото место со 96,5 милиони долари, додека напаѓачот на ПСЖ, Бразилецот Нејмар е шести во поредокот со 95 милиони долари.
Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер е исто така во Топ 10, и покрај тоа што одигра само еден турнир во 2020 година. Сопственикот на 20 грен слем титули минатата година заработи 90 милиони долари.
По нив следуваат ѕвездата на Формула 1, Луис Хамилтон (82 милиони долари), бекот на Тампа Беј Бакањерс, Том Брејди (76 милиони долари) и ѕвездата на Бруклин Нетс, Кевин Дурент (75 милиони долари).
Десетте најплатени спортисти во светот имаа бруто заработка пред оданочување од 1,05 милијарди долари, што е за 28 отсто повеќе од претходната година.