Конкурсот поништен: Бени Шакири не стана директор на МКЦ


Конкурсот за директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје е поништен, рече градоначалникот Петре Шилегов одговарајќи на новинарско прашање. Мандатот на досегашниот в.д директор Арсов е продолжен со уште една одлука на градоначалникот. По поништувањето на конкурсот, градоначалникот Петре Шилегов не кажува кога ќе биде распишан нов конкурс.

На конкурсот беа пријавени музичарот Бени Шакири и сегашниот в.д директор Русе Арсов.

-Дали неговата одлука е исправна или не, тоа времето ќе покаже. Досега немам добиено никакво објаснување зошто конкурсот е поништен. На наредниот конкурс повторно ќе се пријавам, затоа што сметам дека тоа е мое граѓанско право, но и обврска, бидејќи секој од нас треба да има општествена одговорност и свест, работејќи на подобрување на состојбите во сите сфери од животот, а поготово во институција како што е МКЦ, уништувана и унаказена од разноразни криминални и клиентелистичко-непотистички структури – изјави Бени Шакири.