Конфузија во Бугарија – новото мнозинство го бојкотира собранието

„Владејачката опозиција“ одби да се собере и да го избере новиот спикер на собранието. Прво сака да се изгласа недоверба на кабинетот на Петков


 

На денот кога треба да се гласа за доведрба на владата на премиерот Кирил Петков бугарската политика влезе во уште еден јазол. Собранието од изутрина не може да заседава затоа што не може да се обезбеди кворум. Седницата на три пати ја бојкотираа четирите партии кои сега го имаат мнозинството во собранието – ГЕРБ, ДПС, ИТН и Преродба. Блокот на партиите во владата и шесте одметнати пратеници од ИТН беа во салата, но тие се само 115 од неопходните 121 за обезбедување кворум.

Собранието требаше да го разгледа деловникот за избор на нов претседател, а опозициското мнозинство кое минатата недела го отстрани спикерот Никола Минчев од Продолжуваме со промената и ги воведе новите правила, не сакаше точката да биде поставена на дневен ред.

Сега прашањето е кој да предложи кандидат за претседател на собранието. Партијата на Пеков, ПП, најави дека нема намера да предложи свој кандидат за оваа функција и ќе ѝ препушти на „новата владејачка коалиција“ да ја донесе таа одлука. Но и таму не ја сакаат функцијата: ГЕРБ нема да номинира свој кандидат, Ива Митева од ИТН, која се подготвуваше за тоа место (на кое беше два пати лани) најпосле се откажа, социјалитите од БСП не ја сакаат позицијата.

„Владејачката опозиција ја бојкотира седницата на Националното собрание. Минатата недела инсистираа да се избере нов собраниски спикер, но денеска се против оваа точка бидејќи тоа би довело до тензија во јавноста“, рече еден од лидерите на Демократска Бугарија Атанас Атанасов.

Лидерот на Преродба, Костадин Костадинов, вели дека прво сакаат да се гласа за недоверба на владата а потоа да се избере нов спикер.

„Владата денеска падна три пати и она што ќе се види на вонредната седница е дека владата ќе падне по четврти и петти пат доколку има прегласување“, рече Десислава Атанасова од ГЕРБ, осврнувајќи се на трите неуспешни обиди да се собере кворум и претстојното гласање за недоверба вечерва.

Вонредната седница на која ќе се гласа за доверба на владата е закажана за вечерва во 19 часот и 10 минути додека пред собранието течат демонстрациите „за“ и „против“ кабинетот. Поради ова можеби некои од пратениците ќе бидат спречени да стигнат до пленарната сала.

Според Уставот, во гласањето недоверба, опозицијата мора да собере најмалку 121 глас „за“. Владејачката коалиција нема потреба да бара мнозинство во поддршката, доволно ќе биде неколку пратеници да отсуствуваат или да се воздржат за да се спаси кабинетот.