Конфузија во Бугарија како да се оди понатаму по кризата на владата

Еден министер од Има таков народ веќе поднесе оставка, другите тројца, меѓу кои и Теодороа Генчовска, уште не го направиле тоа


 

Еден ден по спектакуларното повлекување од министрите во владата од страна на лидерот на Има таков народ, Слави Трифонов, ситуацијата во Бугарија е прилично нејасна – речиси никој од политичките актери не знае како ќе се движат работите понатаму. Премиерот Кирил Петков вчера најави дека кабинетот ќе функционира како малцинска влада, иако не објасни како би го правеле тоа.

Сега трипартитната коалиција има 109 пратеници во собранието, а за мнозинство се потребни 121. Опозицијата, каде најсилен е ГЕРБ, има 106 пратеници. Тоа значи дека и за едните и за другите пратениците на Има таков народ ќе ја имаат клучната улога.

Вицепремиерот и министер за регионален развој Гроздан Караџов (ИТН) кој беше поводот Слави Трифонов да ја напушти владата, веќе поднесе оставка, но другите торјца министри од ИТН, меѓу кои и шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска, не го направиле тоа.

Опозициските партии во Народното собрание – ГЕРБ, ДПС и Преродба, според денешните изјави на нивните лидери, засега не размислуваат за гласање недоверба на владата на Кирил Петков. Трите формации ќе чекаат премиерот да поднесе предлог за кадровски промени во кабинетот и ќе гласаат против.

Ситуацијата за комплетната неизвесност ја отслика и Христо Иванов од Демократска Бугарија, партија која е едел од владината коалиција. „Во моментов никој не може да ви каже каде оди оваа земја, а тоа се должи на конкретни луѓе кои ја донесоа оваа одлука без претходно да побараат какво било преиспитување на коалицијата. Тие само ја фрлија земјата низ прозорецот. Тоа се случи“, рече Иванов.

Тој додаде: „Нов кабинет не е како да купувате нови чевли. Се работи за изнаоѓање јасна формула за легитимно владеење. Јас лично не гледам таква формула“.

Иванов е скептичен дека Бугарија може да биде управувана од малцинска влада, иако веќе се разговарало за тоа, и дека треба да има „некоја формула за барање поддршка“ за да не излезе како некакво пазарење. Иванов повика „кој има формула за нов кабинет да излезе од бункерот и одговорно да ја каже оваа работа“.

Во конфузијата во која министрите работат против премиерот, Теодора Генчовска денеска изјави дека имало белешки од средбите на Кирил Петков со европските дипломати на тема Македонија. Генчовска за бТВ коментира дека белешките се класифицирани и се чуваат во министерството. На овие средби се разговарало како да се заобиколи бугарското вето за Македонија.