Конфузија околу тоа што се случува во Северодонецк

Единствениот начин да се знае што навистина се случува е да се чека, да се види кој ја добил битката, откако времето ќе ја разнесе маглата на војната


 

Луѓето често зборуваат за „маглата на војната“ – неизвесноста што се спушта на оние кои учествуваат во конфликт. Се чини дека во моментов има густ облак над Северодонецк, пишува Би-Би-Си.

Со денови има спротивставени, честопати контрадикторни извештаи за тоа што се случува во градот во Донбас, актуелниот фокус на обидите на Русија да го заземе регионот. Минатата недела гувернерот на Луганск, Сергеј Хаидаи, рече дека Русите зазеле 80 отсто од градот и дека украинските сили прават стратешко повлекување.

Потоа, во текот на викендот, тој изјави за Би-Би-Си дека неговите сили извршиле контранапад, враќајќи половина од градот. Истовремено, руски извори зборуваа за нивните успеси во регионот, објавувајќи видеа од нивните борци како танцуваат по улиците на градот.

Речиси во исто време, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја опиша ситуација во регионот како неверојатно тешка, дека претстојат тешки денови… додека пристигнаа извештаи за убиени двајца руски генерали на фронтот.

Оваа конфузија беше истакната од Институтот за проучување на војната во неговиот својот утрински брифинг, кој вели: „Природата на урбаната борба во Северодонецк веројатно ги замаглува извештаите за контрола на теренот во градот“.

Ова, во комбинација со барањето за постојано ажурирање од јавноста и медиумите кои се навикнати на инстант информации, доведе до малку збунувачка слика за она што се случува.

Меѓутоа, една работа што е постојана при покривањето на оваа војна се многу контрадикторните изјави дадени од двете страни. Едноставно не можат сите да ја кажуваат вистината.

Можеби, единствениот начин да се знае што навистина се случува е да се чека, да се види кој ја добил битката, откако времето ќе ја разнесе маглата на војната.