Конфискуваниот имот на Мијалков наскоро на јавно наддавање
Агенцијата за управување со одземен имот подарила 45 запленети возила на институциии и јавни претпријатија во државата
Конфискуваниот имот на Сашо Мијалков во судскиот предмет „Империја“ за кратко ќе биде објавен на јавното електронско наддавање кое Агенцијата за управување со одземен имот ќе го направи согласно законот и по согласност на Владата, најави денес директорот на оваа Агенција, Дритон Небиу.
-За неколкуте мошне актуелни случаи за конфискација веднаш преземав иницијативи со дадена поддршка и соработка од министерот за правда, Кренар Лога, за нивно обелоденување и што поскоро извршување. Имено, станува збор за случаите “Империја” во врска со имотот на Сашо Мијалков, за „Труст“ или познат меѓу народот како „Трансмет“ и за ,, Бачило”, познат како случај со Иснифарис Џемаили, соопшти Небиу.
Станува збор за список од 33 имотни листови чија вкупна вредност е 15 милиони евра. Конфискацијата на имот ќе ја опфати и шумата во Горно Курилово на Водно од 650 метри квадратни и веднаш до неа градежна парцела од речиси 4 илјади метри квадратни. На списокот е исто така земјиште во место Џибарица на Кожув и илјадници метри квадратни земјоделско земјиште во близина на Богданци, како и два стана од 46 и 58 квадрати на адреса Горица во Охрид. На мијалков му е конфискуван и имот под зграда во Охрид со површина од 2.740 м2 од хотел во Охрид, сето тоа во вредност од 360 илјади евра и два апартмани во „Панорама Резиденс“ во Скопје од 91 и 94 метри квадратни.
Тој остана и без градежно земјиште и апартмани во Центар, односно неколку парцели и 25 апартмани во две згради, гаражи, деловни простории на улица „Славејко Арсов“ на Водно, сето тоа во вредност од 3,5 милиони евра. Со продажбата на имотот треба парите да се вратат во државниот буџет.
Небиу објави исто така дека е подготвен нов Предлог закон со кој се изнајдени квалитетни решенија за извршувањето на неспроведливите конфискации и за менаџирање со одземениот имот.
-Најголемиот дел од направените измени се во насока на подобрување на постојната правна рамка во која има недоволно јасни постапки во однос на извршувањето на решенијата и пресудите за конфискација на имот и имотна корист, промени на недоволно јасните аспекти поврзани со имот кој е конфискуван од правни субјекти, а над кои е отворена стечајна постапка, конфискација на дивоградбите, прашања поврзани со заложно право над конфискуваниот имот, прашања поврзани со проценката, продажбата на имотот, терминолошко унапредување, унапредување на одредбите за повторно користење (social reuse) на привремено одземениот имот, трајно одземениот имот и конфискуваниот имот, воведување регистар, како и можност за решавање за на долгогодишните проблеми за одземените хаварисани возила сместени ширум државата, соопшти Небиу.
Наедно, тој извести дека е предвидено Агенцијата да задржува одреден процент од вредноста на остварениот приход од секоја продажба на одземените предмети и конфискуваниот имот за нејзино нормално функцонирање и менаџмент.
-Со Царинската управа е уредена взаемната постапка за одземени предмети во прекршочна, кривична и управна постапка и во тек е потпишување на протокол за соработка со Народна Банка, со што ќе се регулираат постапките за постапување и чување на одземените благородни метали, злато и парични средства, соопшти Небиу преставувајќи ги резултатите од својата работа три месеци откако е на функцијата.
Притоа, извести дека хаварисаните возила што биле запленети од Царината сега се пресуваат за да се отфрлат сомнежите за нивна злоупотреба, а запленетите поголеми количества овошје и зеленчук биле донирани на институции каде што е најпотребно низ државата – училишта, центри за рехабилитација и слично.
-Заради ослободување на просторните капацитети одржавме средби со директорите на царинските складови на кои решивме да ја превземаме запленетата стока која со години се наоѓала во нивните магацини. По превземањето на стоката од царинските пунктови следеше почетокот на донациите, соопшти Небиу, наведувајќи дека првично биле донирани училишен прибор и облека за училишта во Арачиново, Мојанце, Грушин, Орланци, Брест, Малино и Танушeвци во вредност од 4.596.100 денари.
Била направена донација и на 16 други институции, болници, културни установи , училишта и центри , при што биле отстапени бесплатно 45 автомобили на министерствата за правда, за здравство, за земјоделство, оза информатичко Општество и Администрација, Затвор Идризово, Општина Гостивар, Управа за финансиска полиција, за внатрешни работи, на Национални шуми-Скопје, на АД Пошта, Општина Крушево и други институции.