Конфискувани четири милијарди долари на поранешниот претседател на Судан

Властите на Судан конфискуваа банкарски сметки на поранешниот претседател на земјата Омар ал Башир, на негови роднини и соработници во вредност од четири милијарди долари, објави телевизијата Ал Арабија, повикувајќи се на податоци од суданската Комисија за борба против корупција.

Вредноста на сметките и акциите во различни компании, кои се сопственост на поранешниот шеф на државата, на членовите на неговото семејство и на негови соработници, според првичните проценки изнесува меѓу 3,5 и четири милијарди долари.

Омар ал Башир управуваше со Судан 30 години и е соборен од власт со воен преврат на 11 април минатата година, по масовните протести во земјата.

Армијата формираше времен Воен совет, го распушти Парламентот и го суспендираше Уставот.

Во септември 2019 година беше формирана преодна влада, а во декември истата година Ал Башир е осуден на две години затвор по обвинение за корупција.