Конференцијата за е-трговија годинава во регионално издание


 

Под мотото „E-commerce: Accelerate!” на 11 ноември ќе се одржи петтата годишната конференција за е-трговија, во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ.

Конференцијата годинава првпат добива регионален карактер и на неа се очекува да присуствуваат повеќе од 400 гости – успешни претприемачи, е-трговци, директори на компании и владини претставници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора, Бугарија и Хрватска што ја прави уникатна и единствена во регионот во своето петто јубилејно издание.

Организаторите, како и претходните години, најавуваат висококвалитетна програма исполнета со бројни истакнати меѓународни и домашни говорници кои преку предавања, панел дискусии и неформални разговори ќе ги пренесат своите експертизи и искуства од областа на е-трговијата, дигитализацијата и дигиталниот маркетинг.

Главниот акцент на годинашното јубилејно издание ќе биде ставен на забрзувањето како клучен дел од претприемачкиот екосистем за постигнување на раст и развој на бизнисите. Со забрзувањето доаѓа потребата за проширување на знаењето и имплементација на нови алатки, тактики, и стратегии.

Според организаторите, многу компании успеале да ја прилагодат е-трговијата како нивен примарен или дополнителен канал за продажба, но се уште не е остварен целосниот потенцијал кој го нуди е-трговијата за раст на бизнисите.

– Затоа, фокусот на ова петто издание ќе биде одлична можност да се види до каде стигнала е-трговијата и колку далеку може да оди ако ја ставиме брзо напред и ја забрзаме. За време на конференцијата, говорниците ќе презентираат практични стратегии што најголемите бизниси, вклучувајќи ги и нивните, ги користат за раст и зголемен профит во овие непредвидливи времиња, а учесниците ќе можат да ги слушнат најновите трендови од е-трговијата, да се стекнат со нови знаења и практични примери, како и да ги искористат бројните можности за вмрежување со истомисленици од бизнис секторот, велат од АЕТМ.

Освен ова, во сеопфатната програма на конференцијата официјално ќе се споделат податоци од годишниот преглед на анализата за е-трговија за 2022 година, ќе се зборува и за можностите кои ги нуди е-трговијата во регионот, за правилно користење на дигиталниот маркетинг, нови технологии и автоматизација на процеси, за промените на навиките кај купувачите предизвикани од е-трговијата, а ќе бидат споделени и совети за подобрување на бизнисите од најуспешните е-трговци во регионот. Организаторите потенцираат дека годинава голем акцент ќе биде ставен и на вмрежувањето и неформалната дружба помеѓу учесниците на конференцијата преку повеќе забавни активности надвор од официјалната програма.

Мминатата година конференцијата за е-трговија беше домаќин на преку 400 учесници од 150 компании, организации, универзитети и владини институции од земјата и од регионот, а свои презентации имаа 30 говорници од 10 земји.