Конференција за демографските промени во Југоисточна Европа

Конференција за одговор на демографските промени што се случуваат во Југоисточна Европа, преку зајакнување на човечкиот капитал, родовата еднаквост и човековите права, ќе се одржи утре и задутре во Сараево, Босна и Херцеговина.

Регионалната конференција на тема „Динамика на населението, човечки капитал и одржлив развој во Југоисточна Европа” ја организира Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, во соработка со Министерството за надворешни работи на БиХ, Советот за регионална соработка (RCC) и Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE).

Настанот се одржува со поддршка на канцелариите на постојаните координатори на ООН во државава, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Србија, како и на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Високиот комесар за бегалци.

На конференцијата ќе учествуваат претставници на владите од регионот, на Обединетите нации, академци, претставници на граѓански организации, како и на меѓународни мултилатерални институции во Југоисточна Европа.

Ќе се дискутира за демографските трендови, како што е ниската стапка на фертилитет, стареење на населението и миграцијата и како може овие предизвици да се претворат во можности преку инвестирање во човечки капитал, проширување на родовата еднаквост и почитување на правата на сите луѓе, вклучувајќи ги и оние што се на маргините на општеството.

Преку дискусиите ќе се обезбедат препораки за преземање активности од страна на државите од регионот со цел да се развијат политики засновани на докази и човекови права, како и за зајакнување на регионалната соработка во врска со динамиката на населението и развојот на човечкиот капитал, најавуваат од УНФПА кои оваа година одбележуваат 50-годишнина и 25-годишнина од Меѓународната конференција за население и развој.