Конференција: Условите во затворите променети, но далеку од идеални

Фото: Б. Грданоски

Условите во затворите се драстично променети во однос на претходните години. Само во КПУ Идризово лани во функција е ставено отворено и полуотворено одделение каде има комплетно европски правила во затворите и се почитуваат нормите, изјави директорот на Управата за извршување санкции при Министерството за правда, Јовица Стојановиќ, на денешната конференција „Проект за реконструкција на казнено-поправните установи во Северна Македонија“ во Скопје.

Во сите ќелии во отвореното и полуотворено одделение во Идризово, појасни тој, има ЛЕД ТВ со 150 бесплатни канали, односно бесплатна кабловска телевизија, но и додаде дека познатото одделение „школарци“ веќе не постои, односно е срамнето е со земја.

Како што рече, во рамките на овој проект комплетно е ставен во функција Затворот Куманово, што се наоѓа на 25 километри од Куманово.

-И во Затворот Куманово имаме европски правила. Во завршна фаза е воспитно поправниот дом со 110 кревети, чекаме само да се приклучи уште вода и струја. Сето ова реално на терен ја менува состојбата во македонскиот затворски систем, вклучително што од други проекти комплетна и темелна реконструкција се прави и на затворот во Битола, а се гради и судницата во КПД Идризово, рече Стојановиќ.

Директорот на КПУ Затвор – Скопје, Есад Рахиќ, информира дека во последно време се направени многу подобрувања во затворот, во тоа како што рече, се увериле и неколку амбасадори и некои други стручни лица од областа на оваа проблематика.

Сепак, додаде дека условите во Казнено-поправната установа – затвор Скопје се далеку од идеални или далеку од она што треба да бидат.

-Во моментов вршиме реконструкција на одреден број ќелии со донации од приватни лица и фирми во нашата држава. Можам да кажам дека за сега подобрена е храната, но и некои други работи, додаде Рахиќ.

„Проект за реконструкција на казнено-поправните установи во Северна Македонија“ опфаќа потпроекти и политики насочени кон намалување на пренатрупаноста и подобрување на условите за живот, безбедност и хигиената во затворите, преку реновирање и градење нови објекти. Целта е подобрување на работните услови за вработените и подобрување на системите за безбедност. Финансиски проектот е поддржан од ЕУ.