Конференција „МикроБалканс“: Дигиталната трансформација и финансиската иновација мора да се движат заедно
Над 200 претставници на финансискиот сектор, инвеститори, финтек-компании и регулатори од Западен Балкан и Европа денеска во Скопје дебатираат за иднината на кредитирањето, микрофинансирањето и новите модели на финансирање.
На првиот ден од MicroBalkans 2026 – Lending Reimagined се дебатира за тоа како пристапот до финансии да стане поедноставен, побрз и пофлексибилен за граѓаните и за микро, малите и средните компании, со фокус на дигиталното кредитирање, новите извори на капитал и довербата во финансиските институции во услови на брза технолошка трансформација.
– Финансирањето треба да стигне до оние на кои им е најпотребно, технологијата треба да го направи кредитирањето побрзо, поедноставно и посигурно, подобриот пристап до капитал отвора повеќе можности за малите и средните компании да инвестираат, растат и да создаваат нови работни места и иднината на секторот е во подобро, поодговорно и поодржливо кредитирање, што создава вредност за граѓаните, бизнисите и економијата – се четирите пораки што беа испратени од првиот ден.
– Иднината на кредитирањето не е само да кредитираме повеќе, туку да кредитираме подобро – со технологија, одговорност и поголема доверба кај клиентите – рече Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски институции при Стопанската комора на Северна Македонија.
Според министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, дигиталната трансформација и финансиската иновација мора да се движат заедно.
– Само со сигурна дигитална инфраструктура, јасни правила и доверба можеме да создадеме побрзи, подостапни и поефикасни финансиски услуги за граѓаните, компаниите и економијата. Без дигитална инфраструктура, финансиската иновација станува поскапа и потешко применлива. Без финансиски сектор што иновира, дигиталната инфраструктура не ја добива целата економска вредност што може да ја создаде. Финансиска инклузија, дигитална инфраструктура и доверба — тоа се трите основи за побрз, посигурен и покорисен финансиски систем за граѓаните, компаниите и економијата – порача Андоновски.
Темата „Lending Reimagined“, како што посочи, е особено важна, затоа што пристапот до финансии денес не е само прашање на капитал и кредитни производи – тоа е прашање на доверба, податоци, технологија, јасни правила и системи што функционираат побрзо и поефикасно.
– Веќе работиме на неколку клучни процеси: Националниот портал uslugi.gov.mk, со околу 350 електронски услуги за граѓани и компании; Зајакната интероперабилност — од 48 институции во 2024 година до 90 денес, со раст на месечните трансакции од околу 708.000 на речиси 4 милиони; Отворање на интероперабилноста и кон приватниот сектор, за побрзи проверки, помал административен товар и поефикасни услуги; m.Uslugi — мобилната супер апликација што ќе ја промовираме во октомври и која треба да стане личен дигитален канал меѓу граѓанинот и државата; Дигитален идентитет, електронски документи, доверливи услуги и посилна сајбер-безбедност, посочи Андоновски.

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, со порака дека треба да се тежнее кон создавање финансиски систем што ќе биде отворен за иновации, но притоа и стабилен, одговорен и насочен кон заштита на граѓаните оти, вели, само така кредитирањето може да стане вистински двигател на економскиот раст, довербата и подобриот пристап до финансиите.
Првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески, со порака дека на компаниите им се потребни решенија што ќе им овозможат раст, инвестиции и поголема регионална присутност.
– На бизнисот му требаат решенија, а не бариери. Потребен ни е поширок финансиски екосистем што ќе им даде на компаниите поголем избор, поголема флексибилност и повеќе можности – нагласи Азески.
MicroBalkans 2026 продолжува утре со дискусии за регулаторната рамка, дигиталната трансформација, одговорното управување со наплатата и можностите за развој на финансискиот сектор во регионот.