Конференција „Дигитализација“ во рамки на француското претседателство со ЕУ
Во организација на Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, денеска во Прилеп ќе се одржи конференција на тема „Дигитализација“, на која е најавено обраќање на претседателот Стево Пендаровски.
На конференцијата, која се организира во рамки на активностите поврзани со француското претседателство со Советот на Европската Унија, поздравно обраќање ќе има градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, а свои излагања ќе имаат амбасадорот на Франција во земјава Сирил Бомгартнер, и Беноа Лутрел, член на Советот за регулација на аудиовизуелна и дигитална комуникација, поранешен директор за односи со јавност во Гугл и поранешен генерален директор на ARCEP.
Меѓу излагачите ќе бидат и Филип Стојановски, директор за партнерства и развој на ресурси од НВО Метаморфозис, Елена Стојановска, консултант од областа на заштитата и безбедноста на личните податоци и Бојан Кордалов, комуниколог Институт за добро управување и евроатлантски перспективи.
Според организаторите, на панел-дискусијата е предвидена размена на мислења со млади, студенти од Економскиот факултет – Прилеп и од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ од Скопје, франкофони средношколци од гимназијата „Мирче Ацев“ – Прилеп, гимназијата „Кирил и Методиј“ – Неготино, средното економско училиште „Васил Aнтевски Дрен“ – Скопје, како и претставници од Коалиција на младински организации СЕГА и од Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан – РИКО.
За време на посетата на Прилеп, претседателот Пендаровски и амбасадорот Бомгартнер ќе остварат средба со градоначалникот Јовчески.