Конечно познато како изгледал еден од најпознатите владетели во историјата

Кога ќе го погледнам, повеќе гледам лице на млад студент отколку владетел оптоварен со обврски, што ја прави оваа историска личност уште поинтересна, вели Моралес.


Речиси и нема човек кој не слушнал за Тутанкамон, египетскиот фараон кој дојде на тронот како момче и умре многу млад. Со години, приказната за неговата смрт и живот ја скокоткала фантазијата на научниците. Но, како навистина изгледал Тутанкамон, можеле само да нагаѓаат.

Познатата златна маска на смртта, иако навестува како би можел да изгледа во животот, сепак е само уметнички израз. Но, благодарение на група меѓународни научници и бразилски графички дизајнер кој се занимава со реконструкција на лицето, конечно можеме да видиме како изгледал еден од најпознатите фараони во моментот на неговата смрт. Нивната научна работа беше објавена на Research Gate, пишува Дејли меил.

Користејќи дигитален модел на мумифициран череп и цела палета на 3Д алатки, Цицеро Моралес им вдахнал живот на деликатните карактеристики на млад човек кој починал пред повеќе од 3.300 години.

„Кога ќе го погледнам, повеќе гледам лице на млад студент отколку политичар оптоварен со обврски, што ја прави оваа историска личност уште поинтересна“, истакна Моралес.

Неговата работа е особено важна затоа што, поради строгите египетски закони, научниците не можеле директно да го скенираат черепот на младиот фараон, туку користеле претходни фотографии, скенови и мерења.

Со податоците за пропорциите и некои клучни мерења на главата, беше можно да се прилагоди дигиталниот череп на черепот на Тутанкамон, истакна Моралес, додавајќи дека е неопходно да се процени големината на усните, положбата на очите и висината на која се наоѓаат ушите.

Ова не е прв пат научниците да се обидат да го рекокструираат изгледот на младиот фараон. Група француски научници го направија тоа во 2005 година. Невозможно е да не се забележи сличноста меѓу овие две реконструкции на изгледот на Тутанкамон. Ова ги потврдува и старите записи за тоа како тој всушност изгледал.

Моралес е убеден дека добро ја завршиле работата.

Инаку, гробницата на Тутанкамон ја откри британскиот археолог и египтолог Хауард Картер во 1922 година. Тоа беше една од најдобро сочуваните и најбогатите гробници пронајдени при ископувањата, а јавноста ја привлече и фактот што таму беше пронајден и млад фараон. На Картер и неговиот тим му требаа 10 години да ја истражат гробницата и предметите пронајдени во неа.