Конечно гасифицирана болницата „Мајка Тереза“ во Чаир

Заврешна е гасификацијата на Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, што беше обележена како еден од најголемите загадувачи во Скопје, бидејќи досега се грееше на мазут. За гасифицирањето на болницата се инвестирани 17 милиони денари.

Министерот за здравство Ванко Филипче, кој денеска заедно со првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Грубим и мнистерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, беше во посета на болницата и истака дена дека станува збор за значеаен капитален проект со кој ќе се реши проблемот со загадувањето во тој дел.

–  Досега оваа болница се грееше на мазут и беше еден од најголемите загадувачи во Скопје, се жалеа сите. Овие црни оџаци повеќе нема да функционираат. Поставени се панели на кровот коишто се користат да се загрее водата во бојлерите и посебен резервоар за гас којшто прима компримиран гас со којшто ќе се грее болницата во зимските периоди, но истовремено ќе се користи за топла вода, образложи Филипче.

Министерот за здравство рече дека вкупната инвестирана сума е 17 милиони денари со ДДВ.

-Мислам дека е многу значаен проект, посебно што во проектната единица кај нас во Министерството за здравство се разгледуваат и други проекти со коишто ќе продолжиме. Со поддршка на Светска банка разговараме за енергетска ефикасност и за други здравствени институции. Има инвестиција во кадар, инвестиција во опрема.  Сеопфатно инвестирање во секој сегмент од болниците, посебно во овој каде што болницата повеќе нема да биде загадувач, ќе се загрева на гас, истакна Филипче.

Тој информираше дека резервоарот е направен такашто во тој момент кога ќе стигне и централната гасификација ќе може да се приклучи на доводните цевки.

Гинекологија „Чаир“ се грееше со котел на мазут стар 50 години, поради што редовно, особено во зимските месеци го загадуваше воздухот, а чаирчани сведочеа на густ црн чад. Во првите месеци од минатата година требаше да се смени начинот на греење на болницата, а градоначалникот на Скопје, Петре шилегов се закани дека ќе ја затвори болницата на еден месец, додека не се најде речение. Тендерот за гасификација на болницата неколкупати беше поништуван затоа што фалеше документација, но година и пол подоцна објектот конечно е гасифициран и нема да претставува извор на загадување во зимските месеци што нѝ следат.