Конечни резултати во Бугарија – ГЕРБ загуби 195 илјади гласови
Главни губитници се ГЕРБ на Бојко Борисов и бугарските социјалисти, а големи добитници Има таков народ и Демократска Бугарија
Централна изборна комисија ги објави конечните резултати од изборите, но не соопшти која партија колку мандати ќе освои. Според резултатите, победник на изборите е партијата Има таков народ со 24,08 отсто од гласовите. По неа следат ГЕРБ со 23,51, па БСП со 13,39, Демократска Бугарија со 12,64, ДПС со 10,71 и најспосле Исправи се! Мутри надвор со 5,01 отсто од гласовите.
Вистинска катастрофа доживеа коалицијата „Бугарски патриоти“ – три партии собрани околу ВМРО – со освоени 3,14 проценти, што беше многу далеку од прагот од четири отсто за влез во парламентот. Оние што се уште подесно од патриотите, тврдите националисти од Преродба имаа добар резултат освојувајќи 3,01 отсто од гласовите.
Партиите од таканаречениот блок за статус-кво имаат големи загуби во гласовите во однос на изборите во април кога се гласаше во најголемиот пик на пандемијата на корона вирусот.
Така, ГЕРБ загуби 195.542 гласови (во април имал 837.707, а во јули 642.165 гласови), а Бугарската социјалистичка партија 114.451 гласови (480.146 во април, а 365.695 во јули). Партијата на Турците, ДПС, има загубено 43.867 гласови.
Двете главни протестни партии, Има таков народ и Демократска Бугарија, добија повеќе гласови отколку во април. Партијата на Слави Трифонов привлече 92.810 гласови повеќе, а Демократска Бугарија 43.049. Партијата Исправи се! Мутри надвор! на Маја Манолова освои 14 илјади гласови помалку на изборите во неделата, но има поголем процент во вкупниот број поради помалата излезност.
Коалицијата околу ВМРО освои 30 илјади гласови помалку отколку на гласањето во април, иако тогаш партијата на Красимир Каракачанов сама излезе на изборите.