Конечни резултати од изборите во Израел, нема промени

Конечните резултати од повторените избори во Израел покажуваат дека владејачката партија Ликуд добила уште едно место во Парламентот, но тоа не менува ништо во врска со тешкотиите за формирање влада.

Десничарската партија на премиерот Бенјамин Нетанјаху доби 32 од 120 места во Парламентот, едно помалку од центристичката Сино-бела партија на неговиот ривал Бени Ганц.

Со поддршка од други партии, Нетанјаху има вкупно 55 пратенички места, а Ганц, кој е поранешен началник на Генералштабот, има 54 мандати.

Со оглед на тоа што ултра десничарската партија на поранешниот министер за одбрана Авигдор Либерман не сака со своите осум освоени пратенички места да поддржи ниту еден од кандидатите, ниту Нетанјаху ниту Ганц не можат да формираат мнозинство од 61 места во Парламентот.

Израелскиот претседател Рувен Ривлин ги повика двајцата кандидати повторно да разговараат за потенцијална влада на национално единство.