Конечна одлука за Пошта во првиот или вториот квартал 2021 година, најавува Битиќи


Статусот на АД – Пошта на Северна Македонија, нема да се реши до крајот на годината. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, на новинарско прашање до каде е процесот за приватизација на поштата, истакна дека не станува збор за приватизација, туку за реструктуирање на функционирањето на  компанијата.

– Моделот кој ќе биде избран е јавно-приватно партнерство или евентуално приватизација. Станува збор за процес кој што само што е почнат. Мислам дека во првиот или вториот квартал на 2021 година ќе имаме конечна одлука. Не е процес кој завршува во една краток период, рече Битиќи, кој е дел од владиниот тим задолжен за подготовка на физибилити студија со која ќе се утврди моделот за натамошниот статус на поштата.

Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека земјите со кои се натправаруваме во овој процес се приватни пошти или пошти со доминантно приватен капитал. Како успешни примери на менаџирање на поштите тој ги спомна земјите Словенија, Австрија, Германија, Полска.