Кондовски открива зошто Наташа Петровска извиси за втор мандат во Битола
Кандидатот за градоначалник на СДСМ денеска изјави дека Петровска работела домаќински, но требало да менаџира многу побрзо
Анета Блажевска
БИТОЛА – Христо Кондовски, кандидатот за градоначалник на СДСМ во Битола, открива зошто актуелната градоначалничка Наташа Петровска извисила за втор мандат. На првата средба со битолските новинари одговарајќи на новинарско прашање – Кој е најголемиот проблем за битолчани?- Кондовски без двоумење рече дека тоа е ефикасноста во работењето на локалната самоуправа. Тој ја пофали Петровска дека работела домаќински, но дека требало да се менаџира многу побрзо.
„Ефикасноста, брзината на работењето. Досега имало добра намера, имало домаќинско работење само требало да се менаџира побрзо. Затоа сум овде пред вас и одговорно тврдам дека ќе се движам во таа насока“, рече Кондовски.
Новинарите инсистираа да каже дали досега не се менаџираше ефикасно, па тој рече: „Не велиме дека не се менаџирало, ама требало подобро. Треба да се направи некое преструктуирање на јавните претпријатија од аспект на ефикасност, на пост бенефит анализи. Сето тоа ми е фах од раководење во приватните фирми и знам да го направам тоа“, рече Кондовски.
По ова тој продолжи со дипломатски речник, велејќи дека во последните две и пол години во Битола многу е направено во делот на инфраструктурата.
„Многу е направено со оглед на тоа што претходно општината беше закочена и заглавена. Забелешки има во тоа дека можело да биде поефикасно, го потенцирам цело време. Битола ќе продолжи со инфраструктурни проекти многу поагресивно и ќе биде забележително во првите две години. Не се плашам да го ветам тоа затоа што ќе го исполнам“, рече тој.
И по неколку дена од изборот на Заев за Битола, Наташа Петровска сѐ уште не излегла јавно да му честита на Кондовски за кандидатурата, ниту пак да сподели јавно свои мислење. Денеска Петровска не се појави на прес-конференцијата на ОО на СДСМ во Битола, иако до Кондовски рамо до рамо застанаа локалниот лидер Златко Ќурчиевски, членот на ИО на СДСМ, Васко Ковачевски, пратеничката Бисера Костадиновска, заменик-градоначалничката Емилија Костурска како и координаторот на советничката група на СДСМ во Советот, Методија Илиевски.
Бурни се реакциите на политичката јавност во Битола по одлуката лидерот Зоран Заев да не ѝ даде доверба на актуелната градоначалничка Наташа Петровска за втор мандат и да го постави бизнисменот Кондовски за свој кандидат. Дури и истакнати членови на СДСМ коментираат јавно за и против одлуката на Заев. Едни се задоволни, други не. Едни во целост го подржуваат Кондовски, други го напаѓаат заради неговата бизнис поврзаност со сопствениците на компанијата „Стентон градба“. Едни ја поддржуваат Петровска, други ја напаѓаат дека не сработила доволно во изминатите 4 години, не соработувала со бизнис секторот и не овозможила да расте бизнис климата во градот. Но, она што се коментира е дека Петровска е една од ретките политичари кога и да ги имала Битола што се чесни и неизвалкани во криминал. Многумина коментираат дека Кондовски не е СДСМ, но тој денеска кажа „растејќи низ просториите на општинската организација на СДСМ како млад човек кој бара шанса да придонесе во партиските структури го изградив карактерот согласно социјалдемократските вредности“.
И самата Општинска организација на СДСМ на првата прес-конференција јасно го потврди својот став зошто партијата се одлучила да даде нов кандидат. Напоменувајќи дека партијата два месеци „вагала“, мерела и премерувала кој да биде нивниот избор. На прес-конференцијата одлуката на СДСМ за изборот на Кондовски ја бранеше член на локалната социјалдемократска младина, Анастасија Главевска, а не некои од високите партиски функционери што седеа до Кондовски.
„Одлуката на ИО на СДСМ токму Христо Кондовски да биде нашиот кандидат за градоначалник го заокружи долгиот и темелен процес за избор на најдоброто од нашата општина. Процесот траеше повеќе од два месеци. СДСМ со механизми кои што ги користат најдемократските партии во светот одлучи довербата да ја даде на Кондовски. Со критериумите беше предвидено секој кандидат да ужива висок углед и доверба меѓу членството и симпатизерите на СДСМ како и меѓу граѓаните“, рече Главевска.
Кондовски потврдува дека ако успее да го освои мандатот во општина Битола влегува со свој тим. „Ќе вклучиме нови лица кои се професионалци во својата работа“, најави тој.