Концесија до 15 години: Усвоени измените и дополнувањата на Законот за земјоделско земјиште


Собранието доцна попладнево го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште, поднесен по скратена постапка од пратениците Панчо Минов, Марија Костадинова, Драгица Ѓавочанова, Лолита Ристова, Љубица Спасова, Марија Ангелова и Марија Кочовска.

Законот, кој предвидува продолжување на договорите за концесија за користење на земјоделското земјиште од пет на 15 години, беше донесе со 72 гласа „За“ и ниту еден „воздржан“ или „против“.

Пратеникот од редовите на СДСМ, Панчо Минов, рече дека овој закон се предлага со цел да се овозможи, наместо досегашното законско решение од можност и право за продолжување на договорите за концесија на користење на земјоделско земјиште од пет години, да се овозможи право на користење со продолжување на рокот од концесијата на 15 години.

– Ова е во интерес на земјоделците, во интерес на правните субјекти од земјоделието, ова е во функција на порационално користење на земјоделското земјиште и што е најбитно, за овозможување на создавање услови за конкурирање по ИПАР програмите, истакна Минов.

Собранието, со 68 гласа „За“ го усвои и Предлог-законот за изменување на Законот за ловство, во скратена постапка, поднесен од пратениците Панчо Минов, Ненад Коциќ, Лолита Ристова, Драгица Ѓавочанова, Љубица Спасова, Марија Ангелова и Марија Кочовска. 

По ова седницата беше прекината, а нејзиното продолжение ќе биде дополнително закажано. Утре Собранието треба да одржи седница за пратенички прашања.