Концертот на „Меморија“ се сели од стадион во „Борис Трајковски“


Заради најавата за невреме и исклучително лоши временски услови на територијата на Скопје в сабота, 11 јуни 2022 година, закажаниот концерт под отворено небо на култната македонска поп-рок група „Меморија“, од стадионот на АРМ во Градскиот парк, се префрла во спортската сала А1 Арена – „Борис Трајковски“.

Купените Партер влезници важат, Фан Пит влезниците исто така, додека со веќе купените влезници за седење на трибината на стадионот на АРМ по цена 1.200 денари, сега во салата ќе може да влезат две лица со една влезница.

Продажните места остануваат исти: Југотон – ГТЦ 1 кат- Скопје и онлајн на: www.kupikartizase.com

Концертот се одржува пет години по големиот повратнички концерт во „Метрополис арена“ во Скопје. На прес-конференција , членовите од бендот споделија дека концертот е замислен како своевидна „концертна матурска рокенрол забава на генерациите“.

Петар Георгиевски истакна дека со истиот жар, со засилен состав, продолжуваат понатаму.

– Пробите ни одат феноменално, рече Георгиевски.

Останатите членови дополнија дека „Меморија“ е бенд кој е составен од пријатели и се надеваат дека ќе „скршат нога“ да наполнат арена со наша музика.

– И после пет години како никогаш да не сме се развенчале, многу добро функционираме, истакна вокалот Апостол Поце Икономов.

Ристо Самарџиев сподели дека е убеден дека публиката заслужува да добие убава енергија.

– Се ослободува времето и убеден сум дека заслужуваме да доживееме една убава енергија, да живееме онака како што треба. Забава, радост, дружба, заедништво, убеден сум дека тоа ќе се случи на концертот, рече Самарџиев.

„Дојдете, ќе биде супер, свирачки бендот е најдобар до сега“, порача бендот.

На концертoт, како што информираа организаторите, ќе може да се слушне и „Високи штикли и црни чорапи“ изворно од „Конкорд“, а ќе настапи и групата „Ареа“. „Меморија“ преку песна ќе му оддаде почит и на Аки Ракимовски.