Концертот на данската музичка група „Ефтеркланг“ во Крушево


Музичката група „Ефтеркланг“ од данскиот главен град Копенхаген денеска на зајдисонце пред споменикот „Македониум“ во Крушево ќе одржи концерт на кој ќе бидат изведени дела изработени во соработка со „Македониум Бенд“. 

Како што најавува организаторот на настанот, Младинскиот културен центар (МКЦ), станува збор за единствен и магичен музички повик за будење на пролетта во едно од најпезажните места во нашата прекрасна држава. 

„Ефтеркланг“ е бенд кој досега настапувал три пати во земјава, со еден нивен самостоен концерт во Кино Фросина и два пати на фестивалот Здраво Млади во МКЦ. 

„Македониум Бенд“, пак, го сочинуваат домашните музичари Мартина Баракоска, Дина Јашари, Јане Трајковски, Стефан Стојковски и Ива Дамјановски, како и Женскиот младински хор при МКЦ. 

Концертот, кој ќе започне во 17 часот и за кој влезот е слободен, е поддржан од Гете институтот и од Министерство за култура.