Концерти „Музика и танц“ наменети за деца


Во Домот на Армијата денеска ќе се одржат два концерта „Музика и танц“ наменети за деца. Ќе настапи гудачкиот квартет предводен од виолинистката Пламенка Трајковска, а во чиј состав се и Сандра Крстевска на виолина, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело.

На програмата се дела од познати класични композитори како Бокерини, Моцарт, Бизе и Хендел. Изборот на композициите се дела на кои во минатото се танцувало како што се менуети, валцери, танго и други.

Концертите почнуваат од 11 и од 13 часот, а билетите се продаваат преку дистрибутивните мрежи на „Карти мк“ и „Купи карти за се“. Концертите се во организација на Пламенка Трајковска – мали камерни состави и се реализира со поддршка на Министерството за одбрана.

Пламенка Трајковска заедно со своите колешки како мали камерни состави досега имаат реализирано голем број на концерти за деца со цел да ја доближат класичната музика до најмладите. Концертите ги реализираат на концертни сцени во училиштата и на отворени простори во Скопје, Ресен, Кичево и Дојран. На нивниот репертоар се концертите за деца со следните наслови: Гудачки квартет во наше маало, Моцартисимо, Музика и цртан филм, Што е тоа … гудачки квартет, Музика и танц и Карневалот на животните. Пламенка Трајковска го издаде и првиот македонски носач на звук со класична музика за деца ЦД „Карневалот на животните“ во адаптација за виолина и пијано.