Концертен викенд во Скопје: Промовирани четири албуми од различни артисти

Изминатиов викенд во Скопје помина во знакот на музиката и промоцијата на нови музички дела на повеќемина артисти. Во петокот во Младинскиот културен центар концертна промоција на последниот албум направија членовите на метал-кор бендот „Смат“ (Smut). Албумот „Тие се насекаде“ го издадоа минатата година, а годинава, пак, бројат 23 години на музичката сцена. Концертот беше распродаден и Дансинг салата во МКЦ исполнета до последно место. Очигледно е дека „Смат“ ги задржале своите фанови, но и создале армија обожаватели меѓу младите генерации. Песните се пееја во еден здив, а заемната енергија меѓу артистите и публиката резултираше со постојана еуфорија.

Членовите на „Смат“ повторно покажаа дека звучат светски и одамна се подготвени да освојуваат големи светски сцени. Саботната вечер, пак, беше резервирана за промоција на новиот албум на Горан Трајкоски. Просториите на „Пасворд продукција“ беа претесни за да ги соберат сите обожаватели на Го-Тра. Последниот албум „Скомраси Апсурдистански“ е всушност трет соло проект на Трајкоски. Содржи 12 оригинални песни кои тој ги напиша за потребите на филмот „Ругање со Христос“ во режија на Јани Бојаџи. Трајкоски е композитор на театарска и филмска музика, но и инструменталист, вокален интерпретатор, основач и композитор во рок-групите „Падот на Византија“ и „Анастасија“, како и соработник на неколку дискографски изданија и многубројни јавни настапи со повеќе групи и музичари меѓу кои: „Мизар“, Кирил Џајковски, Елена Христова, Александер Вељанов, „Deine Lakaien“, „Мугер Фугер“.

Неговиот поранешен колега од „Анастасија“, Златко Ориѓански, истата вечер и пејачот Арбен Бени Шакири го промовираа нивниот последен заеднички албум „Добро утро госпоѓо“. Концертот се одржа во Македонската филхармонија. Ориѓански и Шакири заедничката музичка приказна ја започнаа со „Си беше еднаш“ и ,„Генерале“, која стана дел од музиката за претставата „Солун град на духови“ на режисерот Слободан Унковски. Продолжија со „Галена“, „Анице“ и со уште многу други песни кои публиката ги слушна на нивниот концерт.

Саботната вечер заврши со концерт на Сашко Костов, кој го промовираше својот последен албум „Крик и прашина“. Овој албум е најзрелиот музички производ досега на велешкиот мултиинструменталист. Тој, како и Трајкоски, е композитор на театарска музика, но со овој последен албум отвора нови хоризонти во истражувањето на музиката. Не само инструменталниот сопствен предизвик, да се отсвират скоро сите инструменти на албумот, самостојно туку и со текстовите на македонски јазик, напишани заедно со писателката Ана Стојаноска. Албумот „Крик и прашина“ е оригинална, автентична, емотивно-експресивна приказна за едно патување низ музичките соѕвездија. Славчо Пеев, Антонија Арангеловиќ свиреа на цел албум, а Михаил Парушев, Бојан Петков-Шамба, Анета Качуркова, Александар Ристовски-Принц, Огнен Анастасовски-Окац, се појавуваат како гости на по една песна. Костов на саботниот концерт речиси целосно ја наполни Дансинг салата во МКЦ. Успешноста на концертите што ги погледнавме викендов ни укажува дека публиката е сè погладна за вакви творештва.